Утрински Весник
Македонија

Судијата Иван Џолев нов претседател на Судско-медиумскиот совет

Судијата Иван Џолев нов претседател на Судско-медиумскиот совет

Судско-медиумскиот совет (СМС) го избра раководството кое ќе го претставува во следните две години. Претседател во новиот состав е Иван Џолев, судија од Основен Кривичен суд суд, а потпретседател е Христина Беловска, новинарка од Телевизија 24. На состанокот присуствуваа 12 од вкупно 15 членови на Судско-медиумскиот совет.

„Под влијание на СМС, судиите и новинарите почнаа повеќе да комуницираат, почна да се развива меѓусебна доверба, размена на информации, се надополнувавме , но и се критикувавме едни со други, а бенефитот од сето ова го имаа граѓаните  кои добиваа навремени, точни информации. На овој начин директно, но и индиректно влијаевме и во зајакнувањето на демократските капацитети, а на некој начин воспоставивме и нов систем на граѓанска контрола на судското постапување , но и на владење на правото“, рече Џолев.

Беловска кажа во периодот што следува, ќе се бара пристап до пресуди, решенија за притвор и други документи.

„Ако на новинарите им е забранет пристапот до судница или увидот во судски документи, автоматски и граѓаните ќе немаат можност да видат како некој е осуден и дали се применуваат законите без привилегии и дискриминација. Затоа ние судските известувачи се залагаме да преку СМС се променат работие. Изминатиот мандат, издејствувавме пресудите во Кривичниот суд да се снимаат целосно и да се стримаат на Фејсбук и во живо. Ќе бараме пристап до пресуди, решенија за притвор и други документи. Притоа членувањето во СМС не значи компромиси на штета на новинарството, напротив преку правните школи кои ги организиравме добиваме поостручени, поинформирани новинари кои ќе критикуваат и понатаму, не манипулативно, туку аргументирано и издржано“, вели Беловска.

Новиот состав на Судско-медиумскиот совет брои 15 члена, од кои осум се новинари од различни медиуми, а седум се од редот на судиите од различни апелациони подрачја.

Учеството во ова тело е базирано на волонтерска основа.

Во насока на поголема соработка и отворање на судовите кон јавноста, Судско-медиумскиот совет се формираше првпат во Северна Македонија, но и во Европа, во септември 2018 година, по претходни искуства на две вакви советодавни тела во Соединетите Американски Држави.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Пајак црна вдовица каснал жена во Велешко, итно префрлена на Токсикологија

Уапсен Македонец во Црна Гора: Баран за обид за убиство на член на Шкаљарскиот клан

Се планира таблетарната терапија за онколошките пациенти да не се дава исклучиво во болницата во Скопје, туку да се префрли во аптеките