Утрински Весник
Економија

Сугарески: Реализирани 10 отсто од капиталните инвестиции, проектите се изведуваат непречено

Сугарески: Реализирани 10 отсто од капиталните инвестиции, проектите се изведуваат непречено

Скопје, 25 април 2020 (МИА) – Пандемијата не смее да ја спречи изградбата на патиштата, на железницата, ниту на гасоводот, како и на канализациите и водоводите. Во првиот квартал годинава реализацијата на капиталните инвестиции е добра и заклучно со средината на април изнесува 10 отсто. Следниот месец очекуваме дека кризата ќе има помало влијание и ќе се засилат работите на терен. Нашата тенденција е да ги повториме резултатите од лани, рече денеска министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

Проектите, вкупно 21, истакна Сугарески, не се запрени, на нив се работи континуирано и непречено. Можеби се бележи послаба динамика во првите месеци, но тоа е оправдано поради зимските услови.

-Заклучно со средината на април, реализацијата на капиталните инвестиции е 10 отсто. Тука не влегуваат инвестициите во патната инфраструктура, каде се бележат добри резултати со 21 процент реализација или преку 60 милиони евра. Во делот на комуналната инфраструктура се реализирани преку 110 милиони денари за изградба на водоводи и канализации или 21 процент од планираните средства преку Европската инвестициска банка и 15 отсто преку проектите од КФВ банката, информира министерот.

Во делот на гасификацијата, од предвидената една милијарда денари, досега се реализирани околу 90 милиони или околу девет проценти.

Интензивно се работи на изградба и на водовод и канализација во индустриската зона Визбегово каде реализацијата е над 60 отсто. Се работи и на проекти во Битола, Кавадарци, Радовиш, Велес, Липково, Теарце, Чашка и други општини.

-Очекуваме сите проекти предвидени во Буџетот на Министерството да се завршат согласно планот и динамиката, потенцира Сугарески.

Додаде и дека се реализирани сите средства предвидени со Декадата на Ромите.

И според директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), Зоран Китанов, работата продолжува со несмалено темпо. До вчера, 24 април, ЈПДП има исплатено 3.951.600.000 денари од својот буџет за реализација на програмата или 21,3 отсто.

-Одговорно тврдам дека нема да има кратење на капитални инвестиции кои се однесуваат на инфраструктурните проекти. Од предвидените 18,5 милијарди денари, во првиот квартал се реализирани околу четири милијарди што значи дека нема никаков застој и работиме интензивно на терен, согласно временските услови и пфрепораките за заштита од коронавирусот, истакна Китанов.  мч/мд/

 

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Битиќи: ВМРО-ДПМНЕ одби амандман за набавка на еколошки автобуси

Стојаноски: Владата предводена од ВМРО ДПМНЕ постигна историски договор со најниска каматна стапка за стопанството

Денови на финансиска писменост – 24info.mk