„НАТО е подготвен да продолжи да ги поддржува партнерите кои можат да бидат изложени на малигно влијание и притисок, со цел да се зајакне нивната отпорност. Ве уверувам дека Северноатлантската алијанса (НАТО) силно го поддржува евроатлантскиот пат на Босна и Херцеговина. Алијансата ќе продолжи да соработува со вашата земја и со другите меѓународни партнери за да се зачува стабилноста и да се промовираат реформите во Босна и Херцеговина“.
Ова е одговорот од Јенс Столтенберг, генералниот секретар на НАТО на писмото упатено од Бисера Турковиќ, министер за надворешни работи на Босна и Херцеговина.
Столтенберг одговори на писмото на Турковиќ во кое таа го информира за предизвиците со кои се соочува Босна и Херцеговина во врска со актуелните настани во Европа и регионот.
„Руската агресија врз Украина суштински ја поткопува европската безбедност. Затоа НАТО е подготвен да продолжи да ги поддржува партнерите кои можат да бидат изложени на малигно влијание и притисок, со цел да се зајакне нивната отпорност. Како што знаете, НАТО развива збир на мерки, специјално прилагодени за Босна и Херцеговина, во согласност со вашите потреби“ вели Столтенберг.
Тој изрази загриженост поради сепаратистичката реторика и активности кои се закануваат да го поткопаат успехот на Дејтонскиот мировен договор.