Утрински Весник
Свет

Столтенберг: Не можам да гарантирам кога Шведска и Финска ќе влезат во НАТО

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека не може со сигурност да каже кога Шведска и Финска ќе станат полноправни членки на Алијансата.

Според него, причината е што не е сигурен дали овој воен сојуз ќе успее да ја убеди Турција, која се противи на членството на Финска и Шведска, да се премисли.

Двете нордиски земји официјално ја поднесоа својата апликација за членство во НАТО во мај, но тој процес беше веднаш блокиран од Турција, која бара Шведска и Финска да престанат да обезбедуваат заштита на Курдската народна партија, која Анкара ја смета за терористичка, но и да се укине ембаргото за оружје наметнато на Турција.

На прашањето дали има впечаток дека целата Алијанса е сега заложник на Турција, Столтенберг одговори:

„ Имаме систем заснован на консензус и така се носат одлуките во НАТО. Секогаш е така, една или неколку членки не се согласуваат со нешто и потоа тоа го надминуваме“ рече Столтенберг.

Според него, Стокхолм и Хелсинки дури неодамна аплицирале за членство.

„ Сè уште целта ми е тие да станат членки на НАТО. Но, тоа не можам да го гарантирам, но можам да кажам дека тоа е мојата цел“, додаде тој.

Првиот човек на НАТО рече и дека Турција е важна членка на Алијансата, која одигра клучна улога во борбата против тероризмот, а која има и важна геополитичка позиција во Црното Море, како и на границата со Ирак и Сирија.

„ Значи, кога ќе изразат некаква загриженост, треба да седнеме и да разговараме за тоа, и тоа е токму она што го правиме. А потоа, се надевам, ќе најдеме решение, Шведска и Финска да станат членки на НАТО“ заклучи Столтенберг.

Можете да прочитате

Aстразенека горда на својот придонес за ставање крај на пандемијата: Само во првата година спасени над 6,5 милиони животи

Протест за Газа пред универзитетот во Амстердам, студентите поставуваат блокади

ЕУ постигна начелен договор за користење на замрзнатите руски средства за Украина