Преку проектот „Нови можности за безбеден зимски авантуристички туризам“ финансиран од Европската унија, преку ИПА2 програмата за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Албанија, старата училишна зграда во село Брежани со 80.000 евра, европски средства ќе стане модерен планинарски дом.
„Општина Дебрца, со целокупното природно и културно наследство што го има и кое е дел од наследството на УНЕСКО, со планинските масиви, како Славеј Планина, Караорман, Стогово, Мазатар и Илинска Планина е природно предодредена за развој на планинскиот и зимскиот туризам. Секако, предуслов за тоа е да се осигура безбедноста на туристите. Како општина имаме потпишано договор за соработка со спасителната служба, од што произлегуваат обврски на општината за обезбедување нејзина финансиска одржливост. Ние на една од наредните седници ќе обезебдиме средства во буџетот за таа намена“, истакна градоначалникот на Општина Дебрца, Зоран Ногачески.
Со ова, Општина Дебрца ќе прерасне во нова понуда во алтернативниот туризам, со зголемена безбедност на посетителите, пристапни патеки од сите населени места во близина на сртот на Илинска Планина, како и опрема за спасување во зимски услови.
Исто така, планирана е реконструкција на пропустите на патот од село Брежани до Илинска црква, набавка на опрема и специјално теренско возило за спасување во зимски услови, како и обуки за прва помош во зимски услови за локалното население.