Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денес се сретна со претставници на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) на која се зборуваше за потребата од поголема социјална и економска сигурност на новинарите и медиумските работници и унапредување на нивните работничките права.
Од страна на претставниците на ССНМ беа посочени предизвиците со кои се соочува оваа фела, ризиците по здравје на медумските работници, условите за работа, работата во смени и прекувремена работа, исполнителноста на обврските од страна на работодавачите на договорите за вработување и потребата од предвремено пензионирање односно од бенефициран стаж.
Министерката Шахпаска изрази подготвеност за дијалог и соработка со сите засегнати страни при подготовка на измените и дополнувањата на драфт-верзиите на Законот за ПИО и Законот за работните односи и укажа на повеќе решенија коишто би биле вградени во законски рамки. Воедно таа изрази силно уверување дека Министерството за труд и социјална политика и релевантните институции ќе бидат партнери при надминување на предизвиците коишто беа дискутирани на средбата.