Утрински Весник
Македонија

Средба Битиќи-Дукс : Да се искористат унгарските искуства за пристапувањето кон ЕУ

Средба Битиќи-Дукс : Да се искористат унгарските искуства за пристапувањето кон ЕУ

Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, оствари средба со амбасадорот на Унгарија, Ласло Дукс, со кого разговараа за актуелните состојби поврзани со мерките за поддршка на економијата во услови на пандемијата со коронавирусот, економската соработка помеѓу двете земји и поддршката од Унгарија во процесот на пристапување на земјава во ЕУ.

Вицепремиерот Битиќи и амбасадорот Дукс се согласија дека економската соработка помеѓу двете земји се развива во позитивна насока, пришто Унгарија од 27-то место во однос на трговската размена, за само неколку години, стана 9-ти трговски партнер на Северна Македонија, а во меѓусебниот разговор изразија очекување дека овој тренд ќе продолжи и понатаму.

Битиќи нагласи дека соработката со земјите членки на ЕУ, останува врвен приоритет на Владата и додаде дека се надева на поддршка од Унгарија во процесот на преговори и пристапување кон ЕУ, како и дека ќе може да се искористат унгарските искуства во процесот и при привлекување на фондови за реализација на развојни проекти во нашата земја. 
 
Вицепремиерот потенцираше дека во периодот кој следи ќе работи на поттикнување на соработка со сите земји во регионот на Западен Балкан, со цел во секоја земја да се креираат конзистентни и кохерентни економски политики, кои ќе придонесат за зголемување на конкурентноста на секоја од земјите, но и регионот во целина,  наместо создавање на конкуренција помеѓу земјите, со цел да станеме поатрактивен партнер на ЕУ.

Битиќи и Дукс разговараа и за можноста за унапредување на соработката помеѓу Северна Македонија и Унгарија, за што вицепремиерот посочи дека во земјата во периодот кој следи ќе се реализираат голем број на крупни проекти за развој на железничката и патната инфраструктура, енергетиката, како и проекти за заштита на животната средина и управување со водни ресурси, за кои постои искуство и знаење кај унгарските компании.
 
Амбасадорот Дукс го реафирмираше ставот дека Северна Македонија може да очекува помош и поддршка од Унгарија во пристапниот процес, а заедно со вицепремиерот Битиќи се заложија да продолжат со интензивна комуникација во насока на унапредување на меѓудржавната економска соработка и поефикасното интегрирање на нашата земја во ЕУ.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Уште еден земјотрес ја стресе Македонија

Исчезната е Владанка Спиковска од Скопје – доколку некој ја види веднаш пријавете

Утре Ден на жалост на територијата на Општина Охрид по повод смртта на владиката Тимотеј