Скопје, 19 февруари 2020 (МИА) – Владините економски политики креирани во соработка со бизнис секторот направија пресврт на многу полиња. За 2,5 години се постигнати резултати и бројки како никогаш досега. Членството во НАТО, пак, и добивањето датум за преговори со ЕУ, преку зајакнување на нашата геостратешка позиција, дополнително ќе придонесат за раст, развој, зголемување на инвестициите, на кредитниот рејтинг и перспективите, рече денеска премиерот Оливер Спасовски во обраќањето на настанат со кој Стопанската комора на Македонија одбележа 98 години постоење.
Сакаме да создадеме креативна, модерна, современа, дигитална економија што на третата деценија од 21-от век, потенцира Спасовски и додаде дека тоа треба да се оствари заедно со стопанските комори, особено со Стопанската комора на Македонија, која е најстара и најискусна, но е и еден од најзначајните економски фактори во земјава.
– Во мај 2017 година наследивме -1,8 отсто БДП, но до денес го зголемивме на 3,5 проценти. Креиравме 60.000 нови работни места што е рекорд за толку кратко време. Ја намаливме и невработеноста на 17,1 отсто што е незапаметена бројка досега. За две години потпишавме договори за 34 домашни и странски инвестиции во износ од 740 милиони евра, се изградија 12 нови фабрики, а се градат уште 22. Со Програма за поддршка на инвестиции на технолошкиот развој, дури 170 компании стекнаа право на финансиски средства за купување нови машини и опрема, за инвестиции во објекти и земјиште. Вкупната вредност на инвестициите во овие 170 компании е 230 милиони евра со што се отворија 4.577 нови работни места од кои во 2018 година се вработија 2.117 лица, истакна Спасовски и најави дека проекциите на Владата се до 2024 година невработеноста да падне под 10 проценти.
И вицепремиерката за економска прашања, Мила Царовска, претходно нагласи дека политиките спроведени во соработка со бизнис секторот дадоа резултати. Затоа, рече таа, партнерството мора да продолжи. Повеќе од очигледно е дека компаниите се ослободени и се развиваат, а тоа може да се воочи преку растот на индустриското производство и растот на трговската размена кој лани достигна 10 отсто.
– Вредноста на извозот во 2019 година беше 6,4 милијарди евра за разлика од 2016 година кога изнесуваше 4,3 милијарди, што е раст за 48 отсто. Сите овие позитивни бројки се резултат на посветената работа на Владата заедно со економските партнери, но не смееме да ги заборавиме и партнерите од Западен Балкан, истакна Царовска, потсетувајќи и на Програмата за поддршка на микро, малите и средните претпријатија со која за две години, со над 100 милиони евра, беа поддржани 3.000 компании.
Премиерот Спасовски и претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески им доделија признанија на најуспешните компании-членки на Комората за 2019 година. Меѓу оние што примија признание беше и Кочо Анѓушев, до неодамна вицепремиер за економски прашања.
Од одбележувањето на годишнината, Стопанската комора испрати порака дека извозот, индустријата, регионалната соработка, одржливиот раст и инвестициите, се клучната определба на бизнис секторот во земјава. Државата, пак, мора целата енергија да ја насочи кон градење нова визија и дефинирање на развојните приоритети базирани на поконкурентна економија и силни извозни капацитети. Според Комората, треба да се препознаат новите извозни компании и извозни производи кои ќе бидат конкурентни на светските пазари.
Во рамки на настанот се одржува и панел дискусија на тема „Западен Балкан на глобалните пазари: Нови можности за трговска размена и инвестиции“.
Главното мото на Комората годинава е „Со членството моќни, во визијата истрајни”. мч/сп/