Вечерва, со почеток во 21 часот, со претставата „Меѓусвет“, во рамките на годинешното издание на Танц Фест Скопје, ќе се одбележи 10-годишниот јубилеј на Скопје танцов театар, со која и официјално започна со работа првата современа танцова компанија кај нас. Зад извонредната кореографија и режија се потпишува Рисима Рисимкин, музиката е на Тони Китановски, костимите на Благој Мицевски и дизајнот на сцена на Матеа Мијановиќ. Живописната приказна која „Меѓусвет“ ја раскажува е инспирирана од вонвременската поезија на Блаже Конески и песната „Убавите жени“, а во фокусот ја става жената, нејзината улога во општеството и пренесува порака за битисувањето во патријархатот. Моќната порака на сцена ќе ја пренесат танчерите Адријана Данчевска, Анастасија Данчевска, Дејан Битровски, Бобан Русески, Исидора Краљевска и Ивана Балабанова.
Веднаш потоа, во 22 часот, публиката ќе има прилика да ужива во премиерата на „Ѓаволска дупка“ во кореографија на Дејан Битровски и музика на Виктор Филиповски и Тони Китановски, а во изведба на Анастасија Данчевска, Адријана Данчевска, Бобан Русески и Исидора Краљевска. „Ѓаволска дупка“ е ментално загризување, кое допира и душевно и емотивно. Зад дизајнот на постерот за претставата се потпишува Елена Узуновски.
За крај на вечерта, во 22 и 30, ќе биде претставен танцовиот филм на кореографката Адријана Данчевска, „Дома“, кој премиерно беше претставен на минатогодишното издание на фестивалот. „Последен пресек, консензусна реалност“ – „Дома“ е на музика на Волфганг Амадеус Моцарт, Виктор Филиповски, Fierce и Бојан Филиповски, камера на Марко Марјановиќ и Тео Ангеловски и пост продукција на Адријана Данчевска, Тео Ангеловски и Ивана Мојсовска.
Инаку, во своето 10-годишно постоење, Скопје танцовиот театар успеа да оформи извонреден танчерски кадар, во соработка со Скопје танцовата академија, а од 2017 година во соработка и со Универзитетот Гоце Делчев, каде што се префрли оваа програма за едукација на современи танчери и каде на високо професионално ниво обучува нови кадри во моментов.
Во 2021 година Скопје танцовиот театар, како круна на своето десетгодишно постоење, има покана да гостува во Националниот театар Шајо во Париз, Франција, еден од најдобрите и најпрестижните светски театри за современ танц.
Текстот Со претставата „Меѓусвет“ на Рисимкин ќе се одбележи 10-годишниот јубилеј на Скопје танцов театар е превземен од МАКФАКС.