Утрински Весник
Свет

Советот за човекови права на ОН покренува истрага за злосторства во Газа

Советот за човекови права на ОН покренува истрага за злосторства во Газа
Dik 300x250 mk

Советот за човекови права на ОН одлучи да започне меѓународна истрага за злосторства извршени за време на 11-дневниот конфликт меѓу Израел и Хамас.

Со 24 гласа „за“, 9 „против“ и 14 воздржани, Советот за човекови права на ОН кој има вкупно 47 члена, ја усвои резолуцијата предложена од Организацијата за исламска соработка (ОИЦ) и палестинската делегација во Обединетите нации.

„Нацрт-резолуцијата е прифатена“, рече Назхат Шамим Кан, амбасадорка на Фиџи, која во моментов претседава со Советот за човекови права на ОН со седиште во Женева.

Израел ја отфрли одлуката на Советот на ОН да започне истрага, што пак беше поздравена од страна на Хамас.

Израелското Министерство за надворешни работи објави дека Израел нема да соработува во истрагата и истата ја оцени како обид за прикривање на злосторствата извршени од терористичката организација Хамас.

Портпаролот на Хамас ги нарече акциите на палестинската милитантна група легитимен отпор и повика на итно преземање чекори за казнување на Израел.

САД соопштија дека длабоко жалат за одлуката на Советот за човекови права.

„Денешната одлука се заканува да го загрози постигнатиот напредок“, се вели во соопштението на американската делегација во Женева.

САД имаат статус на преговарач во Советот и немаат право на глас и не се обратија на специјалната седница на Советот за човекови права на ОН, одржана на барање на муслиманските држави кои побараа од форумот да се формира комисија за истражување на можни злосторства и утврдфување на командна одговорност.

Можете да прочитате

Унгарија ќе започне разговори со САД за купување нуклеарно гориво

Кнесетот прелиминарно усвои два закона за проширување на израелскиот суверенитет на Западниот Брег, Нетанјаху против

Новата премиерка на Јапонија свири тапани за опуштање, има црн појас во карате и вози мотор