Силите на сириските Курди во неделата извршија безбедносна операција во камп во Североисточна Сирија во потрага по осомничени членови на семејствата на милитанти од Исламска држава и извршија десетици апсења, соопштија опозициска активистичка група и курдски официјални лица, пренесува „Ал Араби“.
„Уапсени се повеќе од 30 жени и мажи во операција против ИД во и околу логорот Ал-Хол во провинцијата Хасакех,“ изјави Рами Абдурахман, шеф на Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Велика Британија.
„Апсењата се во тек како дел од повеќедневната операција на Сириските демократски сили (СДФ), која е главната борбена сила на курдската регионална администрација, курдската милиција ЈПГ и локалните полициски сили. Уапсени се Сиријци и странци осомничени за поддршка на ИД“, рече Абдурахман.
Официјални лица на СДФ ја потврдија операцијата, а еден од нив рече дека акцијата ќе трае најмалку 10 дена. Коалицијата предводена од САД, која се бори против ИД, соопшти дека ги поддржува своите партнери од СДФ во разузнавањето, надзорот и извидувањето.
„Целта на оваа операција на СДФ е да ги деградира и наруши активностите на ИД во рамките на кампот за да се осигура безбедноста на жителите на логорот“, изјави портпаролот на коалицијата, Вејн Марото.
Ал-Хол е најголемиот камп контролиран од курдските власти, во кој има 62.000 луѓе од различно потекло, претежно жени и деца. Курдите предупредија дека кампот, во кој се наоѓаат осомничени роднини на борците на ИД, е како екстремистичко буре барут.
Опсерваторијата регистрирала околу 40 убиства во Ал-Хол од почетокот на годинава. Курдските власти велат дека симпатизерите на ИД стојат зад повеќето убиства, а хуманитарни извори велат дека причината за некои убиства се можеби племенските расправии.
Во извештајот објавен минатиот месец, ОН соопшти дека во Ал-Хол документирале случаи на радикализација, прибирање средства, обука и поттикнување надворешни операции. Исто така, предупредуваат за судбината на околу 7.000 деца кои живеат во посебен анекс наменет за странски роднини на ИД.
Тие се „чувани како идни оперативци на ИД“, велат од ОН.