Кинеската фармацевтска компанија „Синофарм“ објави дека по процената на резултатите од третата фаза на клиничкото испитување во странство, ќе одлучи дали и кога е потребно да се дадат три дози од нејзината вакцина против коронавирус наместо две, како порано.
Регулаторите и производителите на вакцини размислуваат дали е неопходна трета доза од кинеската вакцина, поради загриженост дека новите видови коронавирус може да ја ослабат заштитата создадена од вакцината развиена врз основа на постарите видови, пренесува „Ројтерс“.
Потпретседателот на филијалата на Синофарм ЦНБГ, Џанг Јунтао, рече дека првичните резултати покажале дека дополнителната ревакцинација може да го зголеми бројот на антитела и истовремено да ја подобри способноста на вакцината да се одбрани од мутациите на вирусот.
„Одговорот на прашањето дали е неопходна дополнителна доза и кога треба да се даде, ќе се заснова на резултатите од претстојната трета фаза на клинички испитувања“, рече Џанг.
Антителата кои ги создаваат две дози вакцина на „Синофарм“ имаат многу добар неутрализирачки ефект врз британскиот и јужноафриканскиот вид на вирусот и врз уште неколку други, рече Џанг.
Во тек е тестирање на ефикасноста на вакцината против видовите на коронавирус откриени во Бразил и Зимбабве.