Македонскиот инди филм „ТМ“ во режија на Ивица Димитријевиќ и Мартин Иванов, вечерва во 22 часот ќе биде прикажан во паркот Ибни пајко, а во рамки на филмскиот фестивал „Синдејс“.
„ТМ“ е филм кој е работен без буџет и раскажува приказна за осаменоста и вербата во невозможното. Станува збор за критика на општеството и политиката како главен виновник за исчезнување на поединецот, за исчезнување на една личност, која е цел еден свет.
Пред вечерашната проекција, режисерот Димитријевиќ во разговор за „Макфакс“ вели дека најважно е да се работи со добра екипа и упати пофални зборови и благодарност до сите кои учествувале во проектот.
Тој раскажува дека тимот ја препознал идејата, па решиле да учестуваваат во филмот под околности кои не подразбираат некаква заработка веднаш.
„Со јасен концепт и добра екипа може да се направи филм со лимитирани средства, а тоа сме го виделе во многу случаи во светската кинематографија“, вели Димитријевиќ.
Покрај „ТМ“, во рамки на програмата на „Синдејс“, денеска ќе бидат прикажани уште 8 филмови во Градскиот парк, МКЦ парк, Парк Ибни Пајко и POP-UP киното.
Фестивалот „Синдејес“ пред два дена беше отворен со премиера на македонскиот филм „Стела“ на Стојан Вујичиќ, а ќе биде затворен в четврток со премиерата на најновиот филм на Игор Иванов-Изи, „Хомо“.
Елена Тарчуговска