Утрински Весник
Свет

СЗО: Пандемијата се шири, но растот на нови случаи забавува

СЗО: Пандемијата се шири, но растот на нови случаи забавува

Пандемијата на коронавирус сè уште се шири, но зголемувањето на бројот на нови инфекции и смртни случаи од последиците од Ковид-19 е забавено на глобално ниво.

Исклучоци, како што се наведува, се Југоисточна Азија и Источен Медитеран.

Во неодамнешниот извештај за пандемија објавен во понеделникот, СЗО рече дека Северна и Јужна Америка продолжуваат да бидат најтешко погодените региони, во кои се потврдени половина од бројот на новозаразените од повеќе од 1,7 милиони и 62 проценти од 39.240 смртни случаи од последиците на Ковид-19.

Во текот на минатата недела, бројот на заразени лица опадна за четири проценти во однос на претходната недела, додека бројот на починати се намали за 12 проценти, изјави СЗО, пренесува „Ројтерс“.

Југоисточна Азија, втора во светот во однос на сериозноста на епидемиолошката состојба, објави зголемување на бројот на новозаразени за 28 проценти, додека бројот на починати од короната се зголеми за 15 проценти.

Бројот на заболени од Ковид-19 во регионот на источен Медитеран исто така е зголемен за четири проценти, додека бројот на смртни случаи како резултат на оваа болест постојано се намалува во последните шест недели.

Бројот на нови инфекции и смртни случаи од коронавирус во Африка се намали за осум до единаесет проценти минатата недела, се вели во извештајот на СЗО.

Во Европската Унија, бројот на нови пријавени случаи на Ковид-19 се зголемува во последните три недели.
Во текот на минатата недела, само малку се зголеми, за еден процент, додека бројот на починати од последиците од инфекција со коронавирус продолжува да расте.

Регионот на Западен Пацифик бележи пад од пет проценти на нови инфекции, според податоците на СЗО.

Според статистиката на „Ројтерс“, над 23,65 милиони луѓе во светот досега биле заразени со коронавирусот, додека 811.895 пациенти починале како резултат на болеста предизвикана од него.

 

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Маж во Индија се разбудил миг пред кремирањето

Зеленски верува дека војната ќе заврши во 2025 година

Путин потпиша закон за отпис на кредитни долгови за учесниците во специјалната воена операција