Брисел, 25 март 2020 (МИА) – Европската Комисија во наредните денови треба да започне да ја изготвува преговарачката рамка за преговорите помеѓу ЕУ и Северна Македонија, одлучија вчера министрите за европски прашања на Унијата.
Ова е првиот неопходен чекор пред одржувањето на првата меѓувладина конференција, со која се означува отворањето на првото поглавје, или според новата методологија првиот „кластер“.
По година и половина одлагања и услови, Европската Унија вчера оцени дека Северна Македонија целосно ја докажала својата способност да го започне долгоочекуваниот процес на преговори, кој треба да доведе до полноправно членство во ЕУ.
Министрите вчера ја усвоија и ревидираната преговарачка методологија, предложена во февруари годинава од страна на Европската Комисија, методологија која би требало да го направи процесот пополитички и да им даде поголема контрола врз процесот на земјите членки на ЕУ.
Ова беше еден од клучните предуслови за Франција да прифати отворање на преговорите со било која земја кандидат.
Земјите членки вчера изразија задоволство и од новата методологија и од реформскиот напредок во Северна Македонија.
-Северна Македонија ја забрза работата од октомври, донесен е Преспанскиот договор, билатералниот договор со Бугарија кој дава пример за целиот регион, ова треба да го отвори патот за Северна Македонија, изјави еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, нагласувајќи и дека земјата успеа да го донесе и законот за јавно обвинителство во услови на техничка влада.
Комесарот оцени и дека по октомврискиот неуспех да се отворат преговорите и стапувањето во функција на новиот состав на Европската Комисија „работите не изгледаа добро“ за отворањето преговори со двете земји. Тој ги пофали реформите во двете држави и додаде дека денешната одлука, со оглед на тешкиот политички контекст во ЕУ поради коронавирусот е доказ за посветеноста на ЕУ кон регионот.
Со ист став настапи и хрватското претседателство, чија државна секретарка за европски прашања, Андреја Метелко Згомбиќ, рече дека денешната одлука е добра не само за двете земји, туку и за самата ЕУ.
-Добра вест е што ЕУ и во време на предизвици успеа да остане фокусирана на носење стратешки одлуки, рече Згомбиќ.
Преговорите со Северна Македонија и Албанија беа единствена точка на вчерашниот состанок на министрите.
По денешната одлука на Советот за општи работи да се отворат преговорите со Албанија и Северна Македонија, Европската Комисија има сега задача да изготви преговарачка рамка – земјите кандидати имаат иста таква обврска од своја страна.
Штом таа рамка биде финализирана, им се поднесува на земјите членки кои треба да ја одобрат, со што се отвора патот за одржување на првата меѓувладина конференција, објаснуваат за МИА од Европската Комисија.
-Ќе почнеме сега многу брзо да ја подготвуваме рамката, треба да седнеме со двете земји, планираме да го ставиме ова на дневен ред на Советот најбрзо што може, односно јуни, изјави Вархеји.
Со оваа изјава јасно е дека Европската Комисија има зацртано датум за почеток на преговорите, веднаш по објавувањето на редовните извештаи за реформскиот напредок, предвидено во мај.
Еврокомесарот на прес конференцијата вчера не сакаше да лицитира со тоа која земја прва би го отворила првото поглавје, бидејќи, како што рече тој, сѐ зависи од реформскиот напредок во секоја од земјите. Тој оцени дека не е исклучено Албанија да ја „претрка“ Северна Македонија, или пак двете истовремено да ги отворат поглавјата.
– Процесот се заснова на сопствени услуги, повтори еврокомесарот.
Она што е извесно е дека крајниот збор и во овој процес е кај земјите членки, кои ја одобруваат преговарачката рамка. А познато е веќе дека Холандија, меѓу другото, очекува исполнување на низа услови од страна на Албанија, што не е случај за Северна Македонија.
Холандскиот министер за надворешни работи Стеф Блок тоа го потврди во изјава за МИА, но и на Твитер налогот на холандската амбасада при ЕУ, каде напиша дека Северна Македонија направила видлив напредок и Холандија ја поддржува препораката на Комисијата за отпочнување на преговорите.
– За Албанија, работите се понијансирани. Остануваат прашања кои бараат внимание, но извештајот за напредокот исто така покажува прогрес кон реформите така што Албанија е на добар пат, Советот одлучи дека преговорите можат да започнат кога ќе има одржлив напредок за овие прашања, е официјалниот став на Хаг. тм/бак/