Кој шири лажни вести, клевети и невистини, треба да се соочи со одговорноста, велат од СДСМ откако денеска пред судот се најде потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски против кој премиерот Зоран Заев покрена тужба за клевета.
Политичарите не се соочија во судницата, а на судењето присуствуваше адвокатот на Заев.
Николоски рече дека е тужен за изјава за случајот „Рекет“ дадена уште во 2019 година во која го обвини Заев е на врвот на пирамидата за рекетот. Николоски вели дека случајот против него е апсурден, а изјавата која Заев ја смета за спорна тогаш не била демантирана од страна на власта.
Од СДСМ, пак, велат дека Николоски и ВМРО-ДПМНЕ не се над законите и дека тој продолжува да шири лажни вести.
„Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски и покрај тоа што е осуден за клевета, не се откажува од ширење лажни вести и конструирање неспостоечки случаи, во очајни обиди да ја манипулира јавноста. Граѓаните не му веруваат на Николоски, по неговите бројни лаги, како кога јавно тврдеше дека ООН лошо ги оценила владините мерки за справување со кризата, за потоа да стигне реакција од ООН дека организацијата воопшто не ни дискутирала за мерките во Северна Македонија, а не пак да дала некаква оценка.
Николоски тврдеше дека државата нема да добие датум за почеток на преговори со ЕУ, а преговорите започнуваат, тврдеше дека ќе се затвори Дрекслермаер, што беше демантирано од раководството, дека Тутнскиот комбинат во Прилеп работи најлошо досега, а има добивка. Николовски во 2018 година најави дека ќе се повлече од политиката, а се уште е потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ“, велат од СДСМ.
Рочиштето е одложено за 20 ноември, откако Николоски побара доказите да му бидат доставени во целост.