Руските сили извршиле напад со крстосувачки ракети „Калибар“ на голем магацин со американско и европско оружје во западниот украински регион Тернопил, објави во денеска агенцијата „Интерфакс“, повикувајќи се на информации од руското Министерство за одбрана. Руските сили наводно собориле и три украински борбени авиони „су-25“ во близина на Донецк и Харков во источна Украина, според истиот извор.
Гувернерот на Тернопилската област, Володимир Труш, претходно изјави дека ракетниот напад врз западниот украински град Чорткив делумно ја оштетил воената инфраструктура и повредил 22 лица. Тој додаде дека таму нема складирано оружје.
„Сите ракети беа од Црното Море. Делумно се оштетени воена инфраструктура и цивилни згради. Нема жртви, но имаме ранети, 22 лица се хоспитализирани“, рече Труш, додавајќи дека меѓу ранетите е и 12-годишното дете. Агенцијата „Ројтерс“ не била во можност веднаш да ја потврди оваа информација.
Москва постојано ги критикува САД и другите земји кои ја вооружуваат Украина. Претседателот Владимир Путин на почетокот на овој месец изјави дека Русија ќе нападне нови цели доколку Западот обезбеди за Украина ракети со поголем дострел.
Во последните денови, украинските лидери повторно ги повикаа западните земји да ја забрзаат испораката на тешко оружје. Во меѓувреме, руските сили продолжуваат со интензивно гранатирање во источна Украина. Северодонецк стана епицентар на борбата за контрола на Донбас.