Од утрово почна вакцинацијата против коронавирус во Москва со вакцината „Спутник 5“, со што Русија стана првата земја која го стартува процесот.
Работната група за коронавирусот објави дека вакцината од руско производство најпрво ќе им биде достапна на лекарите и другите медицински работници, наставниците и социјалните работници затоа што се изложени на најголем ризик од заболување, пренесува АП.
„Во текот на првите пет часа, 5.000 луѓе аплицираа за вакцинација – наставници, лекари, социјални работници, оние кои денес ги ризикуваат своето здравје и животи“, напиша градоначалникот Сергеј Собјанин на неговата веб-страница.
Граѓаните можат да аплицираат за вакцинација преку Интернет и можат да обезбедат бесплатен термин на една од 70-те локации низ градот.
Возраста на оние кои примаат вакцина е ограничена на 60 години. Забрането е вакцинирање на лица со хронични заболувања, бремени жени и оние кои имале респираторна инфекција во последните две недели.
Русија разви две вакцини против ковид-19 – Спутник V, поддржан од рускиот фонд за директни инвестиции и друга развиена од Институтот Вектор во Сибир, а за двете, финалните испитувања сè уште не се завршени, наведе АП.
Вакцината Спутник V се дава во два наврати, а втората доза се дава 21 ден по првата.
Москва, која е главно жариште на коронавирусот во Русија, регистрираше 7.993 нови случаи во текот на ноќта, за разлика од 6.868 ден претходно.