Руските сили ја презедоа контролата врз градот Славутич, каде што живеат работници во нуклеарната централа во Чернобил, изјави гувернерот на Киевската област Александар Пављук.
Според Ројтерс, тој рекол дека руските војници ја окупирале болницата во Славутич и го киднапирале градоначалникот. Британската новинска агенција соопшти дека не може независно да ги потврди извештаите.
Украина во петокот соопшти дека нејзините војници го одбиле првиот напад на руските трупи кои се приближувале до градот. Советникот на претседателот на Украина Олексиј Арестович вчера изјави дека украинската армија го одбила првиот напад на руските војници врз градот Славутич, каде што живеат работниците на изгаснатата нуклеарна централа Чернобил.
Претходно вчера локалните власти на градот Славутич изјавија дека местото е изолирано и оти руската војска е пред градот.
Дежурниот персонал во капацитетите за радиоактивен отпад во Чернобил што ги држи Русија не е ротиран веќе четири дена.
Украина не може да каже кога тоа ќе се промени поради борбите во градот во кој живеат многу од нив, објави вчера Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).
Украина во петокот ја информирала Меѓународната агенција за атомска енергија дека нема ротација на техничкиот персонал во Чернобил од 21 март и дека не знае кога би можело да се одржи следната ротација, се вели во соопштението на МААЕ, пренесе Ројтерс.