Утрински Весник
Македонија

Реновирани кабинети, набавена нова опрема и зајакнат медицинскиот кадар во поликлиниката „Железара“

Реновирани кабинети, набавена нова опрема и зајакнат медицинскиот кадар во поликлиниката „Железара“

Скопје, 17 јуни 2020 (МИА) – Повеќе инвестиции за набавка на нова медицинска опрема и реконструкција и реновирање на кабинетите, во вкупна вредност над 18 милиони денари се реализирани изминатите две години во Поликлиниката на секундарно ниво „Железара“, соопшти Министерството за здравство.

Формиран е нов дијагностички кабинет, во кој функционираат сите ултразвучни апарати и апаратот за дензитометрија, со што се зголеми бројот на прегледани пациенти, имајќи предвид дека апаратите се искористуваат во целост и кабинетот работи во две смени. Комплетно се обновени и преуредени и кабинетите за физикална и рехабилитациска медицина, кабинетот за ЕЕГ, реновиран е влезниот хол и поставен е нов централен шалтер.

Од аспект на подигнување на квалитетот на здравствените услуги во установата, набавен и ставен во функција e нов апарат за ЕЕГ, во вредност над милион денари, со кој значително се зајакнува кабинетот за неврологија. За рендген кабинетот се обезбедени дигитален апарат за панорамско снимање заби и ултразвучен апарат со елестограф за ЕХО на дојка, за очниот кабинет нов апарат за OCT, бесконтактен тонометар, орторајтер, во кабинетите по интерна медицина – нов холтер за крвен притисок и ЕКГ холтер систем, како и бројни апарати наменети за кабинетот по физикална терапија, меѓу кои: апарат за електро терапија и ултразвучна терапија, магнетна терапија, ласерска терапија, вакуум терапија, термотерапија (парафински казан), ламба со инфрацрвено зрачење итн.

Исто така, кабинетот за дерматовенерологија е доопремен со комплетно нов електрокаутер, апарат за крио терапија, дермоскоп, бактерицидна ламба, како и нова центрифуга и микроскоп за лабораторијата во оваа установа.

Изминатиот период во оваа јавна здравствена установа е реализирано и значително зајакнување на медицинскиот персонал во повеќе дејности, со 22 вработувања, меѓу кои: шест доктори специјалисти од областа на радиологија, медицинска биохемија, оториноларингологија, неврологија, медицина на труд и физикална медицина, седум медицински сестри, двајца физиотерапевти, четири медицински лаборанти, рендген технолог, психолог и фармацевтски техничар, стои во соопштението од Министерството за здравство. рп/дма/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Министерот Филков ќе магистира на тема за владиниот ресор со кој раководи

МакедонијаСДСМ ги објави имињата на уште тројца кандидати за градончалници

Семејството на смртно прегазената Теодора револтирано: „Како може тепање и убиство да имаат иста казна – две години затвор?“