Утрински Весник
Свет

Рекорден број нови случаи и починати од коронавирус во Црна Гора

Црна Гора со најмногу активни случаи на Ковид-19 по глава на жител во регионот

Здравствените власти на Црна Гора регистрираа нови 373 случаи на коронавирус, додека 12 лица починаа, што е рекорден број на дневна основа од почетокот на епидемијата.

Во моментот има 4.125 активни случаи во земјата, а вкупно 313 лица починале од коронавирус. Од почетокот на годинава, вкупниот број на регистрирани случаи на коронавирус е 18.714, што е три проценти од населението во Црна Гора.

„Само на денешниот рекорден ден во однос на бројот на болни и починати, е забележано ново кршење на епидемиолошките мерки, за време на погребот на митрополитот Амфилохије, кој собра неколку илјади верници, од кои многумина не носеа заштитни маски“, пишуваат црногорските медиуми.

Црногорските епидемиолози ги наведоа политичките митинзи организирани од владата и опозицијата кон крајот на август пред парламентарните избори како причина за наглото зголемување на бројот на пациенти во септември и октомври. Во тоа време, како што беше објавено, на улиците на Црна Гора имаше повеќе од 100 илјади луѓе или четвртина од вкупното население на таа земја.

За време на првиот бран на епидемијата, Црна Гора забележа само 324 заразени лица и девет смртни случаи, така што на почетокот на јуни таа беше единствената земја без коронавирус во Европа.

Сепак, веќе во средината на јуни, вирусот се врати и епидемиолозите не беа во можност да го контролираат неговото ширење пред сè поради летната туристичка сезона и политичката кампања пред парламентарните избори што се одржаа на 30 август.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

На Германија ќе и требаат дополнителни 288.000 странски работници секоја година до 2040

Австралија го забранува пристапот до социјалните мрежи за помлади од 16 години

Путин до Меркел: Ангела, извини, не знаев дека се плашиш од кучиња