Менаџерот на Рафаел Надал, Бенито Перез Барбадилјо, потврди дека 20-кратниот гренд слем шампион ќе игра на Австралија опен во 2021 година во Мелбурн од 8 февруари, а неговиот стар ривал Роџер Федерер уште не е сигурен за настап по закрепнувањето од повредата на коленото.
„Рафа потврди дека ќе патува во Мелбурн“, изјави Барбадилјо за „Ејџ“.
Надал ќе игра 15. пат на австралискиот гренд слем, кој останува единствениот каде што нема освоено барем две титули – само во 2009 година го победи Роџер Федерер во финалето по што загуби четири финалиња од 2012 до 2019 – две од Новак Ѓоковиќ и по едно од Стен Вавринка и Роџер Федерер.
Надал, како и сите тенисери што ќе пристигнат во Австралија, ќе мора да биде во 14-дневен карантин – тенисерите ќе пристигнат од 15 до 17 јануари.
Федерер, пак, зборувајќи на церемонијата на која беше прогласен за најдобриот швајцарски спортист во последните 70 години, призна дека не е сигурно дали ќе може да игра во Мелбурн.
„Би сакал да кажам дека сум подготвен, но уште не сум. Сепак, среќен сум од закрепнувањето, иако е потребно повеќе време за мојот план. За Австралија, имам трка со времето. Искрено, не сум сигурен дека турнирот ќе почне на 8 февруари“, вели Федерер, кој нема играно речиси 12 месеци, со последен настап токму во полуфиналето на Австралија опен, каде што загуби од Новак Ѓоковиќ.
> Рафа сигурно ќе игра во Мелбурн, Федерер не е сигурен <