Скопје, 19 јуни 2020 (МИА) – Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска оствари проштална средба со Душанка Дивјак Томиќ, вонредна и ополномоштена амбасадорка на Србија и досегашен доајен на дипломатскиот кор во Северна Македонија, по повод завршувањето на нејзиниот мандат во нашата држава.
Како што соопшти МНР, на средбата беше потврдена готовноста за продолжување на досегашната соработка и развој на односите меѓу двете пријателски земји во сите области од заемен интерес, со градење на силни добрососедски односи и решеност за нивно натамошно продлабочување, заложби кои беа неодамна реафирмирани и од страна на министрите Димитров и Дачиќ во Ниш, за време на работната посета на Србија.
Двајцата соговорници ја нагласија одличната соработка во борбата со последиците од пандемијата предизвикана од вирусот Ковид 19 и напорите за нормализирање на режимот за движење меѓу двете земји. Голем придонес дадоа кризните штабови на министерствата за надворешни работи на двете земји, како и ангажманот на Амбасадата на Србија во Скопје.
Димитров го поздрави активниот ангажман на амбасадорката Дивјак Томиќ во годините поминати во Северна Македонија и воедно и’ беше врачена благодарница за нејзините постојани напори во промовирање на српско-македонското пријателство, партнерство, билатералните односи и тесната соработка, посакувајќи и’ успех во понатамошните ангажмани. нд/сп/