Утрински Весник
Македонија

Протокол за работни места: Редовно миење и дезинфицирање и физичко растојание меѓу вработените

Протокол за работни места: Редовно миење и дезинфицирање и физичко растојание меѓу вработените

Скопје, 4 јуни 2020 (МИА) – Редовно и темелно миење на рацете, поставување дезинфекциони средства на истакнати места во работната средина, носење заштитни маски, држење дистанца од најмалку еден метар, избегнување на директен физички контакт со други лица како прегрнување, допирање и ракување, организирање на работата во смени или на далечина доколку е тоа возможно, се дел од препораките што ги содржи Протоколот за превентивни мерки на работните места што Владата го усвои на 60-тата седница.

Препорака е рацете да се мијат со сапун или со средство за дезинфекција пред отпочнување со работа, пред јадење и по контакт со колеги и клиенти или по контакт со потенцијално загадени предмети како што се ракавици, облека, маски, користени хартиени марамчиња, отпад…. Редовно да се чистат работните површини особено оние кои често се допираат како рачки на врати и прозорци и прекинувачи за светла. На работното место треба да има доволно заштитни маски за лице и хартиени марамчиња, како и канти за отпадоци со капаци за хигиенско одлагање на отпадот.

На видно место треба да се истакне промотивен материјал за носење заштитна маска и упатство како правилно се користи, а доколку некој од вработените е болен или не се чувствува добро не треба да доаѓа на работа. Доколку пак некој вработен не се чувствува добро додека е на работа, треба да му се обезбеди медицинска маска за да може безбедно да се врати дома.

– Сите работници сами да го следат своето здравје и редовно да ја мерат телесната температура. Мерењето на температурата на работното место треба да се разгледа како опција само во контекст на комбинација на мерки за превенција и контрола на КОВИД-19 на работното место и заедно со комуникација за ризикот. Треба да се почитуваат стандардни оперативни процедури за управување со лице кое ќе се разболи на работното место, а постојат сомневања дека има КОВИД-19, вклучително и сместување на лицето во просторија за изолација, ограничување на бројот на лица кои имаат контакт со него, употреба на лична заштитна опрема и последователно чистење и дезинфекција, се наведува во Протоколот.

Луѓето кои биле во близок контакт на работното место со лице со лабораториски потврден КОВИД-19 по направената проценка од страна на локалниот епидемиолог треба да бидат ставени во домашна изолација, во период од 14 дена од последниот контакт со тоа лице.

Препорака е да се намали и густината на луѓето во објектот, односно да има физичко растојание од најмалку еден метар меѓу работните позиции и во заедничкиот простор, како што се влезови или излези, лифтови и кантини и да се намали потребата од состаноци и настани кои вклучуваат близок контакт меѓу вработените, односно да се користат телеконференциите.

Во Протоколот се препорачува да се намалат и одложат патувањата поврзани со работата во региони каде има трансмисија и зголемен број на лица со КОВИД-19, а доколку се неопходни, да се обезбедат дезифициенси за раце за работниците кои мора да патуваат, а по враќањето да се следи здравствената состојба и можната појава на симптоми во текот на 14 дена.

Во работните средини треба да се обезбедат промотивни материјали како постери, видеа или електронски табли на кои ќе се прикажуваат покари за зголемување на свеста за вирусот и редовно да се информира епидемиолошката служба од регионалниот Центар за јавно здравје при појава на ризикот од КОВИД-19. бак/сп/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Николоски: Од јануари нов пакет од 250 милиони евра владина подршка, општините да подготвуваат нови проекти

Архитектонскиот факултет при УКИМ ќе одбележи 75 години

Ден на Академијата и доделување на признанието „Блаже Конески“ во МАНУ