Претседателот на регионот Кампанија, Виченцо де Лука, рече дека владата не треба да зборува глупости, туку треба да се посвети на забрзување на времето за одобрување на руската вакцина „спутник В“, за да не чекаат со месеци“, пренесува весникот „Ил фато Котидијано“.
Де Лука рече дека регионот Кампанија и дава предност на руската вакцина против коронавирус, но договорот за набавка може да се потпише само откако лекот ќе биде одобрен од Европската агенција за лекови (ЕМА) и италијанската национална агенција АИФА.
„Ова не е вообичаено време на администрација, туку војна. И бидејќи има вакцини, како „спутник В“, која се применува на милиони луѓе во други делови на светот, нејзината ефикасност може лесно да се провери за еден месец, а не за шест месеци“, тврди Де Лука.
Весникот потсетува дека ЕМА досега неколку пати го менуваше датумот кога може да го објави својот став за руската вакцина.
Во Италија, пак, планот за вакцинација против Ковид-19 сè уште заостанува, најмногу поради недостаток на вакцини што се порачани, платени, но производителите не ги доставуваат договорените количини.
Од вкупно 62 милиони жители во Италија, досега се вакцинирани 6,5 милиони, а втората доза на лекот ја примиле околу 3 милиони граѓани.
За денес е најавена средба меѓу премиерот Марио Драги и претседателите на регионите, на која тие треба да се договорат за вакцинирањето.
Според првичниот план, од декември минатата година, 15 милиони луѓе требаше да бидат имунизирани до април.
Планот за масовна вакцинација досега е сменет неколку пати, а оној што е во сила важи за вакцините што допрва треба да се достават.
Во Италија се користат претходно нарачани вакцини преку системот Ковакс на Европската Унија, а граѓаните не можат да изберат која вакцина ќе ја примат.