Утрински Весник
Македонија

Прекршочна постапка против ТВ Ирис за известувањето за изборите за градоначалник

Комисија за следење на изборни нерегуларности: До 17 часот изборите се одвиваат во мирна атмосфера

Агенцијата за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги поведе прекршочна постапка против ТВ „Ирис“ за небалансирано известување за изборите за градоначалник, што се одржаа на 13 декември во Штип и Пласница.

„Медиумите во основа постигнаа баланс во известувањето за предвремните локални избори во Штип и Пласница. Исклучок е ТВ ‘Ирис’, каде што доминантно најзастапен, со повеќе од половина од вкупното време за известување за изборите, бил кандидатот на СДСМ. На овој начин ТВ ‘Ирис’ не обезбеди балансираност во известувањето за изборната кампања во согласност со принципот за еднаквост на сите кандидати. Поради ова прекршување од Изборниот законик, Советот на Агенцијата на 46. седница поведе прекршочна постапка против овој медиум“, соопшти АВМУ.

Агенцијата за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги од мониторингот на радиодифузерите за предвремените избори за градоначалници на општините Штип и Пласница изготви два извештаја – едниот за мониторингот над изборното медиумско претставување, вториот за емитуваното платено политичко рекламирање за време на кампањата (21 ноември – 10 декември 2020).

Мониторингот над изборното медиумско претставување опфати 20 програмски сервиси, од кои 11 национални телевизии, јавниот сервис (МРТ 1 и Собранискиот канал), 3 регионални („М-нет- Д“, „Ирис“ и „Стар“), 2 локални телевизии („Ускана медија“ и „Гурра“) и 2 радија („Канал 77“ и РФМ).

„Специфика на овие избори беше недостигот на информации за кандидатите за градоначалник на Пласница поради нивна одлука, а не на медиумите. Мониторингот покажа дека кандидатите за градоначалник на Пласница не го искористиле ниту правото за бесплатно политичко претставување на јавниот сервис. Во однос на кампањата водена во Штип беше забележано дека токму во периодот на кампањата многу претставници на Владата имаа посети на Источниот Регион и нивната активност се преслика и во известувањето на медиумите од регионот во вестите и/или во посебните информативни емисии. Притоа, некои од нив отворено искажаа поддршка за кандидатот за градоначалник на Штип од СДСМ. Посебните информативни емисии беа повеќе застапени на регионалните телевизии, што е и за очекување имајќи предвид дека изборите се реализираа само во две општини“, се наведува во извештајот.

Од 13 радиодифузери регистрирани во ДИК, вкупно осум емитувале платено политичко рекламирање, од кои седум телевизии и едно радио. За време на изборната кампања не било констатирано прекршување на правилата за емитување платено политичко рекламирање кај ниту еден медиум.

Најмногу време било закупено на двете регионални телевизии ТВ „Стар“ и ТВ „М-нет ХД“, на кои биле емитувани рекламни спотови од кандидатите за градоначалник на општина Штип.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Македонија тоне, размислувам и јас за иселување – Зафиров со жестока порака до властите

Дрифт шоу во Тетово, без полициски надзор и со многу бучава

ВМРО: СДС продолжуваат со измислени бројки, да не беше ВМРО-ДПМНЕ патот Кичево-Охрид ќе беше уште незапочнат