Утрински Весник
Култура

Прекрасна вечер на саксофони на „Охридско лето“

Прекрасна вечер на саксофони на „Охридско лето“

За љубителите на класичната музика, фестивалот „Охридско лето“ синоќа приреди прекрасен концерт на гудачки инструменти со „Фукио саксофон квартет“ од Шпанија. Со нивната изведба и добро одбраниот репертоар, членовите на овој состав ги задоволија вкусовите и на стручните лица од светот на класичната музика кои вообичаено ги има на секој фестивалски концерт.

Публиката и синоќа си замина задоволна од она што имаше можност да го слушне, но и самите уметници кои се четворица пријатели, заминуваат по настапот на „Охридско лето“ со силни импресии и од настапот, и од она што го видоа во Охрид.

„Во Охрид, и воопшто во Македонија сме првпат. Стигнавме петокот и добро беше што имавме можност да го видиме овој град, овие прекрасни глетки и превкусната храна. Првиот ден се одморивме и уживавме во убавините на градот, а следниот ден се почувствувавме инспирирани и вежбавме. Среќни сме што и покрај ситуацијата со Ковид-19, сепак дојдоа луѓе во публиката кои не ја изоставаат музиката“, рече алт саксофонот, Хавиер Ларсон Паез.

Од основањето на овој состав во 2007 година, квартетот е интензивно посветен на истражувањето на камерната музика за саксофон.

„Ние имаме многу разновиден репертоар кој вклучува и наши оригинални дела за саксофонски квартет. На фестивалот „Охридско лето“ се потрудивме да ги претставиме сите можности на саксофонот, сите негови страни“, изјави тенор саксофонот Хозе Мануел Бањулс Маркос.

„Фукио саксофон квартетот“ изведе дела од чешкиот композитор Антонин Дворжак, од шпанскиот композитор и пијанист Исак Албениц, делото „Фугата“ од Астор Пјацола, гудачки квартет од Мајкл Ниман,а на репертоарот беа и Интермецо бр.1 од мексиканскиот композитор Мануел Мариа Понсе во аранжман на Фукио квартетот, како и делото „Градови“ од композиторот Лаго.

„Нашите планови за иднина како квартет саксофони се да продолжиме со музиката и се повеќе и повеќе да се усовршиме. И секако, да посетиме многу други убави места како Охрид“, рече сопран саксофонот Жоакин Саес Белмонте.

Шпанските музичари кои се обединети во еден од највозбудлиивите млади саксофон квартети во Европа, настапуваат во во голем број европски земји. Тие се активно посветени на порачки на нова музика за нивната формација, а се насочени и кон образовната работа со млади, па често одржуваат мајсторски курсеви и работилници.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“