Утрински Весник
Свет

По долга пауза Србија и Косово започнуваат со нови преговори во Брисел

По долга пауза Србија и Косово започнуваат со нови преговори во Брисел

Србија и Косово денеска во Брисел ќе започнат нови преговори за нормализирање на нарушените односи по долгиот политички ќор-сокак, но има бројни пречки на патот до решавање на меѓусебните спорови.

Главниот проблем е територијален затоа што Белград одбива да ја признае независноста на својата поранешна покраина со мнозинско албанско население, а по војната пред повеќе од две децении, Србија и Косово и натаму се соочуваат со нерешени прашања кои претставуваат закана по стабилноста на овој дел од југоисточна Европа.

Во војната меѓу српските сили и етничките Албанци загинаа околу 13.000 луѓе.

Косово прогласи независност во 2008 година и досега е признато од околу 100 земји, вклучително и САД и Европската унија. Сепак, најголемите сојузници на Србија, Русија и Кина го оспоруваат и спречуваат влезот на Косово во Обединетите нации.

Двете страни преговараат под покровителство на ЕУ веќе десет години, но напредокот е занемарлив.

АФП потсетува дека во 2013 година беа склучени голем број договори кои сè уште не се целосно спроведени.

Последната рунда преговори пропадна во 2018 година по серијата дипломатски потези од двете страни.

Но, по минатонеделниот виртуелен настан организиран од официјални претставници на ЕУ, српскиот претседател Александар Вучиќ и новиот премиер на Косово, Авдула Хоти, попладнево конечно ќе се сретнат лице в лице.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

НАТО: Поддршката за Украина продолжува

Израел прифати примирје со Хезболах

Телефонски разговор Трудо-Трамп – 24info.mk