На 72-годишна возраст денеска почина Панде Манојлов, плоден и сестран писател – поет, раскажувач, критичар.
Роден е на 2 мај 1948 година во Породин, Битолско. Член на ДПМ е од 1989.
За збирката поезија „Јужни реки“ ја доби наградата на ДПМ за поезија „Ацо Шопов“ за 2019 година.
Автор е на голем број наслови, меѓу кои поетските збирки: „Црвен немир во црвено пламти“ (1971), „Соѕвездие на болот“ (1977), „Песни за Тито“ (1981), „Огнена земја“ (1983, коавтор), „Блажевина“ (1988), „За Битола, вековите и љубовта“ (1989), „Македонски поетски молк“ (1997), „Лет во сонот над Ајфелова кула“ (1998), „Љубов и чемер“ (2005), „Тевекелиски песни“ (2008), „Битола љубов моја“ (2009), „Месечина со превез (2011)“, „Ветровито време“ (2015), „Далечен сон“ (2016).
Пишувал и поезија за деца, раскази за деца и возрасни, хумористично-сатирични дела и театарски критики: „Талија на битолската сцена“ (2003). Автор е и на книгата сведоштва „До Учителот – низ сито и решето“ (2015).
Негови песни се објавени и препеани на: англиски, француски, германски, руски, арапски, турски, бугарски, српски, грчки, татарски, хрватски, башкириски и други јазици.
Добитник е на повеќе награди и признанија за книжевност во земјата и странство.