Утрински Весник
Македонија

Потпишана програма за соработка во областа на културата меѓу Македонија и Унгарија

Потпишана програма за соработка во областа на културата меѓу Македонија и Унгарија

Министерката за култура Ирена Стефоска и министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, Петер Сијарто, кој е во работна посета на нашата држава, денеска потпишаа Програма за соработка во областа на културата меѓу Министерството за култура на Република Северна Македонија и Министерството за човечки ресурси на Унгарија за периодот 2021 – 2023 година.

Потписниците на Програмата се заложија во периодот што следува, Република Северна Македонија и Унгарија да ја поддржат соработката во областа на културата и да придонесат за засилување на нејзината улога во своите земји, а да се направат и напори за интензивирање на соработката меѓу институциите и здруженијата.

Со Програмата за културна соработка се предвидени активности и комуникација во сите дејности на културата. Заемна и директна соработка е превидена и меѓу институциите од областа на визуелната и применетата уметност, фотографијата, дизајнот, архитектурата, уметноста на новите медиуми. Превидено е и засилување на соработка меѓу авторите, преведувачите и релевантните организации и здруженија од областа на литературната и издавачката дејност.

Со Програмата ќе се поттикнува развој на соработката и во филмската, телевизиската, видеопродукциската и во дистрибутивната индустрија, и посебен акцент ќе биде ставен на соработката во заштитата на културното наследство, преку директни контакти на сродните институции, како: музеите, галериите, библиотеките, конзерваторските центри и други професионални организации кои се занимаваат со заштита и истражување на културното наследство.

Република Северна Македонија и Унгарија традиционално негуваат добри односи во областа на културата. Двете држави имаат меѓуинституционална соработка и во библиотечната дејност, а НУБ „Св. Климент Охридски“ од Скопје има потпишано договори за соработка со Националната библиотека Сечењи и со Националната библиотека за странска литература во Будимпешта. Значајна е соработката и меѓу Националната опера и балет на Република Северна Македонија и Унгарската државна опера, кои, со посредство на Амбасадата на РСМ во Будимпешта, се во директен контакт за гостување на Националната опера и балет на сцената во театарот „Eiffel“ во Будимпешта во 2022 година со претставата „Игри на животот“.

Можете да прочитате

Кривична пријава против двајца измамници, измамиле велешанка за сума од околу 5.000 евра и се обиделе да измамат уште 10 други повозрасни лица 

Татко и малолетен син нападнале полицајци во Шуто Оризари

Сведоци на судењето за „Пулс“: Сопственикот одбивал соработка со полицијата