Утрински Весник
Свет

Португалија воведува построги мерки, делта сојот забрзано се шири

Португалија воведува построги мерки, делта сојот забрзано се шири

Повеќе од 70 проценти од случаите на коронавирус во Лисабон се предизвикани од делта сојот, кој е позаразен и рапидно се шири и во другите делови на земјата, додека властите се обидуваат да спречат загрижувачки пораст на бројот на случаи, се вели во последниот извештај.

Во извештајот на португалскиот национален институт за здравство Рикардо Хорхе се наведува дека делта сојот, кој првпат беше откриен во Индија, е причина за инфекција во 51 процент од случаите во континентална Португалија, што покажува дека тој вид се шири брзо, како и во Велика Британија.

Иако повеќето нови случаи сè уште се концентрирани во густо населениот регион на Лисабон, најголем репродукциски број (Р), 1,34, има во јужниот португалски регион Алгарве, познат по своите плажи и терени за голф, се наведува во извештајот на португалскиот национален институт за здравство.

Зголемувањето на случаите доаѓа откако Португалија, чија економија е во голема мера зависна од туризмот, ги отвори своите граници за граѓаните на Европската унија и Велика Британија во средината на мај. Така, со почетокот на новата туристичка сезона, повеќето деловни активности се рестартирани, а плажите се преполни.

Сепак, Португалија во четвртокот ги заостри правилата поради зголемувањето на бројот на случаи на инфекција; меѓу другото, рестораните во Лисабон и познатиот туристички град Албуфеира, во регионот Алгарве, особено популарни меѓу Британците, мораат да работат со скратено работно време во текот на викендот.

Во Португалија се зголеми и бројот на хоспитализирани лица поради Ковида-19. Во моментов, 71 ковид-пациент се на интензивна нега во Лисабон, што е 86 проценти од капацитетите наменети за третман на заразени со коронавирус. Инаку, состојбата во Португалија беше најтешка во јануари годинава.

Можете да прочитате

Трамп најавува „некаков вид дивиденда“ за Американците од новите царини

Голем корупциски скандал во Украина – краделе од тендерите за набавка на дронови

Над 10.000 хотели од ЕУ поднесоа тужба против Booking