Утрински Весник
Економија

Поранешниот директор на УО го демантира Костовски: Сопствениците не беа способни да го следат растот на банката

Поранешниот директор на УО го демантира Костовски: Сопствениците не беа способни да го следат растот на банката
Img 5587

Николче Петкоски, поранешниот претседател на Управниот одбор на „Еуростандард банка“, кого сопственикот Трифун Костовски го посочи како еден од одговорните за пропаѓањето на банкта, денеска ги демантира обвинувањата дека бил поврзан со за губење на дозволата на банката.

„Јас од 1 октомври 2019 немам никаков контакт со банката во поглед на нејзините операции. Иако до 29 ноември 2019 година бев и формално Претседател на Управниот одбор на банката, мене ми беше оневозможено да имам било каков увид во работењето на банката. Уште повеќе, од 14 март 2020 година не сум ни вработен во банката“, стои во реакцијата на Петкоски.

„До моето заминување десет години ја извршував функцијата на Претседател на Управен одбор на банката. Управниот одбор на банката, се состои од два члена и се грижи за оперативното работење на банката. Над Управниот одбор е Надзорниот одбор кој ги именува и разрешува членовите на Управниот одбор и кој има контролна улога. Управниот одбор секој месец поднесуваше извештај до Надзорниот одбор за работењето на банката. Кредитите се одобруваат од страна на Кредитен одбор, а одредени кредити, над одреден процент од капиталот на банката, се предмет на одобрување од страна на Надзорниот одбор. Претседател на кредитниот одбор беше Коста Костовски, со позиција Асистент на Управниот одбор. Претседател на Надзорен одбор беше Трифун Костовски. Оваа ситуација ја затекнав во банката со моето доаѓање и беше непроменета се до моето заминување“, посочува Петкоски, додавајќи дека Трифун и Коста Костовски во поглед на кредитните пласмани секогаш биле информирани за реалната состојба во банката низ извештаите кои биле презентирани и во текот на секојдневното работење.

Во однос на обвинувањата за лошо раководење, штети и слично предизвикани од претходното раководство, Петкоски посочува дека Костовски забораваат оти тие биле дел од раководството на клучни функции на банката, биле целосно инволвирани во дневните операции на банката и целосно биле запознаени со состојбите и случувањата во банката и ниедна поголема и побитна одлука во работењето на банката не била носена без знаење на некој од нив.

„Затоа обвинувањата за давање кредити на ново регистриранифирми, одлевање на средства без трага, за плаќање на фиктивни фактури, се во најмала рака смешни. Постои Централен регистер, кредитен регистер, досиеја во банката. Па може лесно да се провери која компанија кога е формирана, од кого, колку долго работи, кога и колку кредитно се задолжила“, истакнува во реакцијата поранешниот претседател на Управниот одбор на „Еуростандард банка“.

Во продолжението на истата Петкоски презентира резултати за неговото успешно работење и нагласува дека, кога дошол на функцијата во 2010 година обврска на Костовски како акционери била да обезбедат дополнителен капитал од најмалку 3 милиони евра за 3-4 месеци и тоа однадвор како нови средства.

„Она што беше обезбедено како дополнителен капитал од страна на акционерите беа само 1,5 милиони евра постоечки депозити во банката на нивни компании кои подоцна беа претворени во капитал. Преостанатите докапитализации во најголема мера беа обезбедувани од моја страна и пласирани преку компаниите на акционерите, иако тоа не е дел од обврските на претседател на Управниот одбор’, наведува Петкоски, кој констатира дека растот на банката не бил следен со соодветен раст на капиталот кој требало да биде обезбеден од страна на акционерите.

„Со оглед на тоа што акционерите на банката не ги обезбедуваа дополнителните средства за докапитализација, Народната банка наметнуваше ограничувања во работењето на банката со цел зголемување на капиталната основа на банката за соодветно покривање на кредитниот ризик. Сите тие ограничувања на работењето имаа негативен ефект на работењето на банката и влошување на портфолиото во текот на годините“, вели поранешниот претседател на Управниот одбор, кој додава дека почнувајќи од месец март 2019 година скоро комплетната комуникација со Народната банка била водена од страна на Трифун Костовски.

Петкоски нагласува дека во тој период, при средбите со Гувернерот на Народната банка биле ветувани работи за кои се немало претстава дали може да се исполнат за потоа да биде барано од него истите ги реализира и обезбеди.

„Како Претседател на Управен одбор на банката мојот дел од задачата го исполнував и банката растеше со водење сметка за ризиците од работењето во рамките на можностите, за разлика од акционерите кои не успеваа никако да обезбедат соодветна капитална поддршка. И во Решението за одземање на дозволата за работење на банката и во сите изјави на Народната банка јасно е потенцирано дека неисполнетата обврска за докапитализација од страна на акционерите е главната причина за ваквиот расплет“ објаснува Петкоски.

Тој повикува во наредедниот период да се истражат неколку прашања:

– Дали акционерите како физички лица и нивните компании имаат депозити во банката во моментот на одземањето на дозволата за работа?
– Дали како физички лица и нивните компании имаат депозити во други банки?
– Дали во последните месеци имало од нив како физички лица или од нивните компании повлекување на средства и одлевање во други банки?
– Дали во последните месец – два од страна на членови на раководството на банката имало повлекување на депозити?

Петкоски нагласува и дека Костовски наместо да бараат други виновници, треба да се позанимаваат со себеси.

„Да се ангажирале толку колку што требало за банката и да го почитувале она што од нив како акционери го барала Народната банка, состојбата денес ќе беше сосем различна. Денешната ситуација во која се наоѓа банката е само поради тоа што акционерите не биле способни како сопственици да ја следат банката во нејзиниот раст. Не заради тоа што претходниот менаџмент погрешно го одбрале. Напротив. Како акционери биле должни и морале да знаат што значи да се биде доминантен акционер и сопственик на банка и како треба да ги следат насоките од надлежните институции, во случајов НБРСМ“, посочува Петкоски кој најавува тужби доколу не добие јавно извинување, за како што вели, изречените невистини, дезинформации и неосновани обвинувања со коишто се прави обид за негова дискредитација како личност и како професионалец.

Извор: Makfax

Ss1

Можете да прочитате

Ангеловска-Бежоска: Оцената на ММФ е дека Народната банка е добар пример за транспарентност и отчетност

Просечната нето плата исплатена во февруари изнесува 39.276 денари

32 години од воведувањето на денарот