На состанокот на либанскиот Врховен совет за одбрана беше посочено дека масовната експлозија во пристаништето во Бејрут што се случи вчера вечер можеби е резултат на активности за одржување на локацијата бидејќи една врата на пристанишниот хангар, во кој се чуваат експлозивни материјали, не се затворала правилно, пренесува либанскиот радиодифузен сервис ЛБЦИ.
„Околу 2.750 тони – количество амониум нитрат што експлодира во пристаништето во Бејрут – е материјал што беше запленет во 2014 година од товарниот брод „Росос“, регистриран во Молдавија, кој пловеше кон Африка и претрпе штети при навигацијата“ , изјавија од Советот за одбрана на итниот состанок по експлозијата.
На состанокот, претставници на либанската служба за безбедност соопштија дека се случила експлозија додека била заварувана врата. Пред извесно време беше откриено дека вратата на хангарот не се заклучува и има отвор кон ѕидот, што го олеснува влегувањето и излегувањето од хангарот.
„Искра довела до палење на експлозивните материи во хангарот, кои потоа довеле до експлозија на 2.750 тони амониум нитрат, што е еквивалент на 1.800 тони ТНТ“, велат либанските власти.
По трагичниот инцидент, гувернерот на градот рече дека половина од зградите во Бејрут се оштетени, а болниците се преполни поради големиот број повредени лица. Либанската влада прогласи тридневна жалост за жртвите од трагедијата што почнува денеска.
Во 2014 година, сопственикот на товарниот брод „Росус“ го напуштил бродот во Бејрут, а високо ризичниот товар, амониум нитрат, што било забрането да се растовари или пренесува на друг брод од пристанишните власти останал таму. Товарот складиран во бродот потоа бил транспортиран на соодветно место, но, на крај, бил преместен во хангарот 12 на пристаништето.