Кочани, 10 април 2019 (МИА) – Општина Кочани доби согласност за продолжување на ангажманот на осумте лица во проектот општинско корисна работа, при што тие во услови на епидемија од КОВИД-19 ќе им помагаат на старите, изнемоштените и на лицата со хендикеп.
Ангажираните од проектот ќе доставуваат храна и лекови до домовите на ранливите категории граѓани, а ќе им помагаат и при плаќањето на сметките.
-Лицата ќе вршат достава на потребните работи и на лицата кои претходно ги опслужуваа, а ќе одговараат и на повиците од граѓаните кои ќе се јават за помош на јавните објави од страна на Кризниот штаб при Општина Кочани. Исто така, ќе бидат во постојана координација со општинските служби за социјална заштита, Мобилниот сервис при Општина Кочани и на Општинската организација на Црвен крст на Кочани, истакна Аника Илијевска Ѓоргиева, координаторка на проектот општинско корисна работа.
Ангажираните лица што ќе ги извршуваат овие услуги веќе имаат соодветно искуство, бидејќи и претходно помагаа на стари, изнемоштени и на лица со хендикеп во домот и надвор од него, преку проектите „Добра волја“ и „Услуги“, што Општина Кочани ги реализираше во текот на февруари и март годинава.
За да се заштитат во време на епидемија, ангажираните лица добија соодветна заштитна опрема: маски, ракавици, визири, средства за дезинфекција, обезбедени од страна на УНДП, а им беше презентирана и обука за заштита при работа. та/сст/