Утрински Весник
Свет

Писателот Салман Ружди е опериран, не може да зборува и најверојатно ќе го загуби окото

Британскиот писател со индиско потекло Салман Ружди (75) , кој повеќепати беше избоден со нож во вратот и стомакот од напаѓач на сцената за време на предавање во американската држава Њујорк, опериран е и сега е на вентилатор, објави неговиот агент Ендрју Вајли, пренесува „Би-Би-Си“.

dobivaj vesti na viber

Тој изјави дека „вестите не се добри“, дека Ружди не може да зборува и дека може да го загуби едното око.

„Салман веројатно ќе го изгуби едното око, нервите во раката му се отсечени, а црниот дроб му е пробиен и оштетен“ – рече Вајли.

Њујоршката полиција соопшти дека го привела Хади Матар, напаѓачот на познатиот писател, кој вчера бил нападнат додека се подготвувал да одржи предавање во западниот дел на Њујорк.

Матар, 24-годишен маж од Фервју, Њу Џерси, го купил билетот за да присуствува на настанот, соопшти полицијата, пренесе „Ројтерс“.

Во официјалното соопштение од њујоршката полиција во врска со нападот врз Ружди, тие наведуваат дека напаѓачот го нападнал писателот околу 11 часот по локално време, и го прободел во пределот на вратот и стомакот.

Новинар на АП видел човек како упаднал на сцената во Институтот Чаутаука и почнал да го удира или прободува Ружди додека го претставувале на почетокот на предавањето.

Водителот кој беше со него на сцената, Хенри Рис, се здоби со полесна повреда на главата и беше пренесен во локалната болница, јави „Би-Би-Си“.

Полицијата на прес-конференција соопшти дека персоналот и членовите на јавноста се упатиле кон напаѓачот и го собориле на земја пред да биде уапсен. Се претпоставува дека осомничениот немал соучесници, а засега не е познат мотивот за нападот.

Полицијата соопшти дека лекар од присутните веднаш му пружил прва помош на Ружди.

Писателот потоа со хеликоптер бил префрлен во Универзитетската болница во Медицинскиот центар во Питсбург Хамот, каде што бил чуван од полицијата, каде што му била извршена операција.

Ружди, кој е роден во Индија, се прослави со книгата „Деца на полноќ“ во 1981 година, која беше продадена во повеќе од милион примероци само во Велика Британија.

Но, неговата четврта книга, „Сатанските стихови“, објавена во 1988 година, го принуди да се крие речиси десет години.

Таа е забранета во Иран од 1988 година, бидејќи многу муслимани ја сметаат за богохулна

Една година подоцна, тогашниот ирански лидер, ајатолахот Хомеини издаде фатва, или указ, повикувајќи на смрт на Ружди.

Можете да прочитате

Нетанјаху: Барањата на Ганц ќе доведат до пораз и создавање на палестинска држава

Членот на израелскиот воен кабинет Ганц најави заминување од Владата ако до 8 јуни не биде усвоен новиот воен план

ИДФ апелира Палестинците од крајбрежните населби да се евакуираат во северниот дел на Газа