Утрински Весник
Култура

Отворање на групната изложба „4 пати слобода“

Отворање на групната изложба „4 пати слобода“

Вечерва, со почеток од 20 часот во МКЦ (Галерија) ќе се отвори групната изложба „4 пати слобода“.

„4 пати слобода“ е заеднички проект на 4 ликовни уметнички, кои потекнуваат од различни културни средини, од различни етникуми, со различен ликовен сензибилитет и визуелен пристап. Едно нешто заедничко е тоа што се жени и делат сродни размислувања за важноста и ексклузивноста на слободата на жената во потрадиционалните општества, како и општествата од каде што доаѓаат и самите.

Станува збор за Јана Јакимовска, Шќипе Мехмети, Снежана Мелник и Ала Хвастунова; првата е Македонка од Скопје; втората, Албанка од Кичево; третата, Украинка од Брјанка; четвртата, Русинка од Јарослав. Различни во својата визуелно-медиумска експресивност и начин на пренесување на мислата, но единствени во ставот дека борбата за феминистичките права, за еднаквоста, за слободата на сите жени, за свесноста за својата телесност, еротичност, табуата.

Дали сè уште живееме во свет во кој патријархатот е доминанта? Дали женската еманципација или општествената партиципација е сè уште предмет на интерес? Дали ако зборуваме за „женска“ уметност покажуваме сè уште несигурност кон теренот на уметноста, чија рамноправност е и понатаму дискутабилна? Можеме ли отворено да зборуваме за тело, голотија, слобода на одлучување, право на абортус, развод, домашно насилство, физички изглед, задоволства, влакна, менструални циклуси итн? За жал, регионот сѐ уште страда од табуизирања, од генерализирања, стигматизирања, заткулисност. Патиме од одбележувања, социјална нелагодност, жртвувања. Фактот дека за овие проблематики треба постојано да се зборува, истите да се третираат во разновидни форми и медиуми, со цел да бидат видливи, достапни, разбирливи и постојано да ја поттикнуваат отворената дебата за важноста на жената и нејзината улога во општеството е една од фундаменталните причина за изложбата „4 пати слобода“. Самиот наслов на изложбата зборува за слободата како универзално право на секоја индивидуа, а тоа што зборуваме во случајот за женска слобода уште повеќе го потврдува длабокиот порив за женската потврда и себеидентификација на дадената тема. Вирџинија Вулф вели: „Заклучи ги и сите библиотеки ако сакаш, но залудно, не постои ниту порта, ниту клучалка, ниту катанец, кој може да застане на слободата на мојата мисла“.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“