Утрински Весник
Македонија

Општините бараат итни субвенции од Владата поради енергетската криза

Општините бараат итни субвенции од Владата поради енергетската криза

Општините бараат Владата да донесе план за нивно субвенционирање, откако Управниот одбор на Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС) заклучи дека локалните самоуправи се соочени со наследени долгови, големо задолжување и зголемени трошоци.

На втората седница на Управниот одбор на ЗЕЛС чија претседателка е градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска, акцентот бил ставен на проблемите поврзани со набавка на електричната енергија, со која се соочуваат општините и изнаоѓање на решение за настанатите проблеми.

„ЗЕЛС бара Владата да донесе итен план за помош на општините за време на енергетската криза. Општините имаат сериозни финансиски проблеми и потребна е итна реакција на Владата со јасен план за помош на единиците на локалната самоуправа“, посочи Арсовска на денешната прес-конференција во просториите на ЗЕЛС.

Таа додаде дека зголемувањето на цената на електричната енергија и цените на природниот гас дополнително ја компликуваат, како што кажа, крајно сериозната ситуација во којашто се наоѓаат општините.

„Со сегашната состојба и нискиот степен на децентрализација, општините немаат финансиска независност. ЗЕЛС ќе бара измени на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа со цел да се подобри фискалниот капацитет и да се зголемат приходите на општините преку сериозно зголемување на стапката на дотацијата од ДДВ и персоналниот данок на доход, од кои во овој момент многу мал процент оди во локалната самоуправа“, нагласи Арсковска.

Како дополнителен проблем таа го наведе и едностраното раскинување на договорите од страна на снабдувачите со електрична енергија, со што сметките за електрична енергија, како што рече, се зголемени и за повеќе од пет пати.

Воедно од ЗЕЛС информира дека од Здружението на даватели на комунални услуги АДКОМ доставена е информација за опасност од прекин во континуитетот во давање на водни услуги, како резултат од кризата со снабдување со електрична енергија.

„Ова е дополнителен аларм дека итни мерки од Владата се неопходни за надминување на оваа кризна состојба“, беше посочено на прес-конференцијата.

Можете да прочитате

Македонија тоне, размислувам и јас за иселување – Зафиров со жестока порака до властите

Дрифт шоу во Тетово, без полициски надзор и со многу бучава

ВМРО: СДС продолжуваат со измислени бројки, да не беше ВМРО-ДПМНЕ патот Кичево-Охрид ќе беше уште незапочнат