Утрински Весник
Македонија

Општина Ѓорче Петров: Гоштевањата на општинска сметка заминаа заедно со СДСМ

Од Општина Ѓорче Петров реагираат на тврдењата на претседател на СДСМ Ѓорче Петров, Кристијан Јовановски, кој претходно денеска изјави дека развојот на општината во последните шест месеци го достигнал својот минимум. Тој го обвини градоначалникот Александар Стојкоски дека да не биле проектите на претходната власт, тој ќе немал што да им презентира на ѓорчепетровци.

„ Како што лажеа дека од Ѓорче Петров ќе направат Париз, така сега СДСМ Ѓорче Петров лажат дека парите на ѓорчепетровци се трошат на патувања, хотели, партиски вработувања. Ред е, ако се сигурни во тоа, да достават докази пред граѓаните, бидејќи на збор одамна никој не им верува токму поради тоа што општината ја оставија во кал, отпад до гуша и со нефункционален систем. Дотолку што, единствено наследство добиено од СДСМ во Ѓорче Петров се долговите и проблемите кои во изминативе месеци интензивно се решаваат. И секако, забраната за простирање на гаќи од која целата јавност тераше мајтап и се исмеваше со СДСМ“ велат од општината.

Оттаму додаваат дека општината нема потрошено ниту еден денар на ноќевања како дел од службени патувања, затоа што, како што нагласуваат, такви не се реализирани во мандатот на градоначалникот Александар Стојкоски.

„ Гоштевањата на општинска сметка со ракии, пива, скапи вина и јадења заминаа заедно со СДСМ од Ѓорче Петров. Граѓаните и самите можат да се убедат дека повеќе не се набавува алкохол за правење фешти низ општината преку сајтот за јавни набавки, а се троши само на најнеопходни продукти за скромен пречек на гости. Во овој дел, потенцираме дека фактури за гоштевање преку општинскиот буџет на претходното раководство доаѓаа и по нивното заминување, а дека немаме намера да плаќаме туѓи ѓезвиња покажува и фактот што истата е вратена и неплатена.

Желбата повеќепати повторена лага од СДСМ да стане вистина, ќе остане само желба. А дека не се знае ниту што се лаже, говори фактот што СДСМ пласираа пред јавноста три различни суми, а со тоа и дезинформации, каде истите средства на секој нареден прес растат, и тоа на 19.03.2022 СДСМ пласираа дека се потрошени 25.000 евра, на 23.03.2022 година дека се потрошени 133.000 евра, за да на денешниот прес износот го зголемија до потрошени 230.000 евра. И секако, тоа го кажуваат на прес-конференции без новинари, каде се снимаат самите, зошто им е страв дека некој ќе им побара доказ за секое од овие тврдења – а тие немаат бидејќи сите обвинувања се лага“ се вели во реакцијата на општината.

Оттаму ги повикуваат СДСМ за градинката во Ѓорче Петров да одговорат дали преку министерствата со кои раководат на централно ниво тенденциозно го кочат процесот на отворање на градинките со необезбедување на согласности за отпочнување со работа, а со тоа и правење на институционална пречка за згрижување на дечиња од општината?

„ Ѓорче без кал е проект кој веднаш почнавме да го реализираме. Во првите шест месеци од мандатот, обезбедивме средства за асфалтирање на 25 улици на територијата на Ѓорче Петров. Туку, ќе одговори ли СДСМ зошто го остави Ѓорче со кал? Никој не може да го најде ниту ветениот базен од СДСМ, ниту гасификацијата, атмосферската канализација, капиталните проекти. Но затоа, дупките, калта, задолжена општина и сметките за кафеани се тука.

Зелената агенда во Ѓорче отпочна со средувањето на наследената депонија од СДСМ во Ново село, место каде освен што е исчистена, во тек е и проектирањето на мега паркот, распространет на површина од 10.000 метри квадратни.

За фекалната канализација и водовод, освен тековните средства во буџетот за оваа намена, на првиот ребаланс на буџетот издвоивме дополнителни средства за средување на овие проблеми во руралниот предел.

Општина Ѓорче Петров стана отворена општина, каде се слушаат критиките, администрацијата има цел најбрзо да ги решава проблемите, а раководството, и покрај долгот, што побрзо да ги реализира големите капитални проекти. Го менуваме Ѓорче во убава, модерна, еколошка и општина за сите граѓани“ се додава во реакцијата.

Можете да прочитате

Приведено и трето лице за убиството на докоторот пред поликлиниката во Железара

Тројца полициски службеници за несовесно работење во службата заработија кривични пријави 

Кривична пријава заработи лице кое заградило државно замјиште кај Бит Пазар и си наплаќал „арач“