Утрински Весник
Спорт

Николов: Имаме мотиви за барем една победа против Шпанија и против Украина

Составот на сениорскиот кошаркарски национален тим е подмладен со нови млади кошаркари, но, сепак, мотивот за успех, за прва победа во квалификациите за Светскиот куп 2023, е голем кај сите што веќе четврти ден вредно работат во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. Еден од нив е и Кристијан Николов, еден од најстандардните во изборот на селекторот Драган Баиќ, и кој, веројатно, ќе има голем простор за игра и на претстојните мечеви од квалификациите.

Плејмејкерот потенцира дека најважно е да се борат до самиот крај, дека мора да се даде максимумот, и пред сè, да се одигра чесно до крајот на оваа квалификациска трка.

„Очекувам да дадеме сè од себе и да имаме борба за секоја топка. Подмладени сме, тоа е точно, но тоа не значи дека ќе се предадеме. Секој од нас знае што значи да се игра за Македонија и ветуваме дека ќе го дадеме максимумот“, вели Николов.

Негова, но и желба на соиграчите, е овие квалификации да ги затвориме со победа.

„Прв предизвик ни е Шпанија и ние ќе се бориме до крај. Потоа следува Украина на домашен терен. Сакаме победа затоа што мотивот не е загубен и покрај тоа што сме некомплетни. Ние играме за репрезентацијата и не е важно каков тим имаме, туку мора да бидеме чисти пред себе и да го дадеме најдоброто. Наше е да се бориме до крај. Во овој тим дојдоа и неколку млади играчи. Знам дека ќе дадат сè од себе. Ние еден на друг не гледаме како на млад и стар и не се делиме, туку се гледаме како играчи што може да играат за репрезентацијата и затоа се овде“, истакнува Кристијан Николов.

Македонската кошаркарска репрезентација утре патува за Сарагоса, каде што на 1 јули ќе игра против Шпанија, а три дена подоцна ја пречекува Украина во СЦ „Борис Трајковски“.

> Николов: Имаме мотиви за барем една победа против Шпанија и против Украина <

Можете да прочитате

Норвешка побара истрага од ФИФА за наградата за Трамп

ЕХФ отвори истрага за наводни расистички навреди на реваншот во Охрид

Турците доминираа од првата минута, Македонија поразена со 4:0