Економската криза предизвикана по појавувањето на корона вирусот, го погоди и Зелениот пазар во Скопје, каде што можеше да се забележи опаѓање на бројот на потрошувачи и видливо опаѓање на поранешната динамика. Одредени производи сега се продаваат со повисоки цени, но сепак зелениот пазар продолжува да нуди поевтини производи во споредба со продавниците, со поповолни цени и поприфатливи за џебот на граѓаните, пишува „Порталб.мк“.
Трговците на овој пазар се загрижени со оваа ситуација и нивната состојба. Тие тврдат дека цените не се променети и дека продажба нема воопшто.
“Цените се тие што беа. Не се зголемени. Продажба нема, застана, нема луѓе, нема воопшто продажба”, рече еден трговец.
Друг продавач изјави дека иако продавниците ги зголемиле цените на производите 100%, на пазар тие и понатаму се исти како во претходниот период.
“Во продавниците, цените се зголемени 100%. Тука на пазарот не, цените се исти. Компирите беа 20 деннари во текот на целата зима. Сите цени се исти. Нема продажба, многу опадна, многу слабо е. Малку луѓе доаѓаат, по некој само, ама многу слабо”, рече тој.
Трговците изјавија дека цените на домашните производи се намалени, а поскапени се производите кои се увезуваат.
“Кризата со корона вирусот многу влијаеше, особено врз нас трговците. Цените не се променети, дури неколку артикли поевтинија. На пример краставицата е 40 денари, а минатите години во оваа сезона била 70 денари. Артиклите што се увезуваат се поскапени, додека домашните производи поевтинија. Во оваа сезона минатите години пиперката се продаваше со парчиња, сега се продава на кило”, рече еден друг трговец.
Додаде дека добиле ветување од Здружението на трговци дека за време на кризниот период ќе имаат ослободувања за изнајмување на тезгите.
Инаку владата, согласно преземените мерки за справување со кризата со корона вирусот, донесе одлука да ги замрзне цените на одредени производи, кои ќе важат до 30 април годинава. Врз основа на оваа одлука, предвидена е глоба до 5.000 евра, како и парична казна за оние кои нема да ја почитуваат одлуката.