„Најсреќниот човек на светот“ на Теона Стругар Митевска е селектиран на еден од најголемите меѓународни филмски фестивали во светот „Торонто филм фестивал“.
„Најсреќниот човек на светот“ е филм што, всушност, говори за тешкотијата на помирувањето, кое е неопходно за да може да се продолжи со животот во мир по војна. Сараево четири години беше под опсада и тероризиран со снајперски истрели со огромен број невини жртви. Овој филм говори за Асја, четириесетгодишна жена, која се пријавува на организиран настан за барање партнер. Таму се среќава со Зоран, нејзин врсник, кој е дојден да се запознае токму со Асја, но тој не е дојден таму во потрага по љубов.
Филмот е копродукција помеѓу Македонија, Словенија, Хрватска, Белгија, БиХ и Данска. Развојот и продукцијата се поддржани од Агенцијата за филм, Creative Europe – MEDIA, „Еуримаж“, Данскиот филмски институт, Belgium Tax Shelter, Хрватскиот аудиовизуелен центар и Филмскиот фонд од Сараево.
„Најсреќниот човек на светот“ ја имаше својата светска премиера на Филмскиот фестивал во Венеција.