Повеќе од 6.000 научници вмрежени со НАТО се повикани да бараат решенија за пандемијата на вирусот САРС-КоВ-2, кој ја предизвикува болеста Ковид-19. Повикот го упати главниот научник на Алијансата д-р Брајан Велс, главен научен советник на Северноатлантскиот совет.
Научниците, од кои повеќе од 5.000 работат со Организацијата на НАТО за наука и технологија (ОНТ), се повикани да дадат свој придонес, од научноистражувачки трудови до прототипи, чиј развој и изработка ќе бидат поддржани од Организацијата за наука и технологија.
Оваа агенција на НАТО има своја лабораторија, Центарот за поморски истражувања и експериментирање во Ла Специја, Италија, Канцеларија за поддршка на соработката во Париз, Франција и Канцеларија на главниот научник во штабот на НАТО во Брисел, Белгија.
Тоа е најголема мрежа на научници кои работат во сферата на одбраната и безбедноста во светот.
ОНТ ги повика научниците да работат на решенија за откривање на вирусот, зголемување на ситуациската свест, деконтаминација, отпорност, како и за периодот по пандемијата.
„’Предизвикот на главниот научник’ им е испратен на повеќе од 6.000 научници во мрежата на НАТО, кои се очекува овој месец да испратат предлози, од истражувачки трудови до прототипи. Во соработка со сојузниците, партнерите и персоналот, Канцеларијата на главниот научник ќе помогне најдобрите предлози да станат реалност“, најави д-р Велс.
Организацијата за наука и технологија има и класифицирана платформа за соработка каде што научници од сојузничките и партнерските земји соработуваат во справување со кризата, а Канцеларијата за поддршка на соработката ги координира релевантните истражувања, меѓу кои, во моментов, и развој на сценарија за итна медицинска нега, проекти за намалување на животниот век на вирусите преку употреба на полимерски слој на површини и ткаенини и ласерско тестирање на примероци од плунка.