Битола, 28 март 2020 (МИА)
Градоначалникот на Битола Наташа Петровска во обраќањето до јавноста апелира со одговорност, смиреност и без стигматизација да се води борба против КОВИД-19.
Петровска изјави дека и Битола стана град во кој е констатирано присуството на коронавирусот, а битката против него, како што таа посочи, не е битка на етникум, партија, вера, на еден или неколкумина, тоа е битка на сите, на човештвото.
-Во градот се полемизираше многу околу локацијата. Нити една локација не е подобра или полоша. Вирусот не мирува заради локацијата. Вирусот можи да се победи само со нашето однесување, со контролирана изолација, избегнување на непотребни излегувања и почитување на протоколи и препораки, а тоа со еден збор се вика дисциплина. Како градоначалник не поддржувам обзнанување на список на згрижените во оваа контролирана изолација. Тоа не се луѓе кои треба да бидат стигматизирани само заради тоа што треба да поминат денови во изолација како претпазливост на сите нас за евентуални, повторувам евентуални заразени. Конечно, да се држиме до премисата, не прави го никому она што не би го правел за ближниот свој, изјави Петровска.
Градоначалникот на Битола Наташа Петровска во обраќање до јавноста потврди дека помогнала за враќање дома на млади битолчани од Копенхаген.
-Изразувам длабока поддршка до сите здравствени работници од нашиот град, кои сите овие денови се посветени, и секако на полицијата која исто така е клучна карика во контролата на редот. Но на дел од нив им порачувам, да останат посветени на своите обврски наместо на социјалните мрежи, нагласи Петровска. мт/ир