Скопје, 12 февруари 2020 (МИА) – Генералниот секретар на Владата од 2013 година Кирил Божиновски, ми рече земи ја книгата ,,Зоки Поки” и читај. Слично како што постапи Талат Џафери, кога се донесуваше Законот за бранители. Правете што ќе правете но дневниот ред да не биде усвоен, рече денеска во своето сведочење за предметот „Насилство во Центар“, Томислав Лазаров кој бил координатор на Советничка група во 2013 година во Општина Центар.
Тој пред судот кажа дека во тој период се договарал со Божиновски и претставници од Здружението „Веритас“ да одржат мирни протести пред општината за, според него, спорните точки за поништување на ДУП-от на општината, односно за одбрана на рушењето на црквата „Св. Константин и Елена“.
– На тие состаноци не се говореше за насилство, туку само за масовност на овие протести. На 7 јуни 2013 година кога пристигнав во Советот видов лица кои немаат врска со Општина Центар, ми кажаа дека седницата е јавна и затоа се присутни. Во меѓувреме стигнаа и други граѓани од Центар, но од службите не беа пуштени да присуствуваат. Имав насоки во правец на тоа да го убедиме мнозинството да ги тргне од дневен ред тие точки. Дискусијата да биде издржана и професионална. Покрај координацијат со советниците, пред усвојување на дневниот ред, имав координација преку телефон со Кирил Божиновски и Миле Јанакиески. Бараа да ги информирам за текот на настаните. Убедувањето и забелешките не знам колку траеја, мнозинството остана на ставот дека тој дневен ред треба да биде усвоен. Во меѓувреме стигна и демонстрантите од „Веритас“, почна галама и немаше услови за одржување на седницата. Во вечерните часови претсдателот донесе одлука да прекине седницата без усвојување на дневниот ред и седницата се одложи за 10 јуни 2013 година, истакна Лазаров.