Клиничката болница Жан Митрев ги намали цените за лекување на пациенти со Ковид-19.
Од болницата утрово соопштија дека одлуката е донесена согласно состанокот одржан со министерот за здравство, Венко Филипче, а со цел да излезат во пресрет на што поголем број граѓани.
„Досега пациентите плаќаа 12.000 евра, а од сега за пациенти кои ќе се лекуваат на полунинтензивна нега, лечењето во треање до 10 дена ќе чини 6.000 евра; за пациентите на кои им е потребно интензивно лекување, односно се преземени во сериозна здравствена состојба од други институции каде што биле претходно хоспитализирани, цената за максимум 10-дневно лекување ќе изнесува 8.000 евра. Една хемофилтрација претходно чинеше 4.000 евра, сега со намалување од 10%,ќе чини 3.600 евра. Оваа метода на лекување се применува по согласност од страна на семејството на пациентот“, информираат од Клиниката.
Имајќи ги предвид можните сериозни постковид последици т.е. можните компликации по прележана инфекција од вирусот, за сите пациенти кои се лекувале во нивниот ковид-центар, одобруваат 50 проценти намалување на цената на услугите за МР на срце и КТ на белите дробови.
Во моментов во болницата „Жан Митрев“ се хоспитализирани околу 100 тешко болни пациенти од кои 40 на респираторна поддршка.
„За негата на овие пациенти се грижи комплетниот лекарски тим кој како и сите здравствени работници во државава е веќе преморен. Во процесот на нега во нашата болница се вклучени и дел волонтери од немедицинскиот персонал, со цел да им помогнат на своите колеги. Сепак, за да помогнеме секаде каде што е потребно и можеме, еден од нашите лекари ќе биде прераспределен согласно барањата на Министерот за здравство. Оваа пригода ја користиме за да апелираме до пошироката јавност и да ги повикаме сите оние кои се чувствуваат способни да помогнат и би сакале да волонтираат, да се пријават. Ќе бидат соодветно едуцирани и вклучени во нашите процеси. Искрено се надеваме дека наскоро на пандемијата ќе ѝ дојде крајот, а во меѓувреме потребно е сите да останеме максимално дисциплинирани, посветени и да се вложиме како поединцни во справувањето со последиците за доброто на сите“, се наведува во соопштението.