Скопје, 27 февруари 2020 (МИА) – До училиштата, универзитетите, јавните научни и образовни институции доставени се детални насоки како да постапуваат со цел да се заштитат учениците, студентите и вработените од евентуално заболување на коронавирусот.
Од Министерството за образование и наука информираат дека наложено им е на образовните установи да ги одложат планираните екскурзии во Италија, а во најкус можен рок по телефонски или електронски пат да обезбедат информации од сите свои вработени, ученици и студенти дали во последните две недели патувале или живеат со некој кој патувал во Ломбардија, Венето, Емилија Ромања и Пиемонт во Италија, како и во Кина, Хонг Конг, Иран, Јапонија, Маку, Филипини, Република Кореа, Сингапур и Тајван.
– Лицата кои ќе дадат потврдна информација потребно е да не доаѓаат на работа, односно да не посетуваат настава, додека не добијат соодветни инструкции, односно совети за следни чекори што ќе треба да ги направат зависно од ситуацијата и од планот на надлежните здравствени институции и Владата, информираат од МОН.
Од раководствата на училиштата, универзитетите, јавните научни установи и сите други образовни институции се бара да ја подигнат и хигиената на највисоко ниво во сите простории каде има честа фреквенција на луѓе. бак/са/