Утрински Весник
Економија

Министерство за финансии: Издадена осмата еврообврзница по историски најниска каматна стапка

Министерство за финансии: Издадена осмата еврообврзница по историски најниска каматна стапка

Република Северна Македонија денес ја издаде осмата по ред еврообврзница, информираат од Министерството за финансии.

Од таму појаснуваат дека еврообврзницата е во вредност од 700 милиони евра со рочност од 7 години и истата е издадена по, како што се вели, историски најниска каматна стапка од 1,625%.

„Истата ќе се искористи за рефинансирање на третата еврообврзница од 2014 година во вредност од 500 милиони евра. Нето-повлекувањето по основ на оваа еврообврзница е 200 милиони евра“, се наведува во соопштението.

Од ресорното министерство нагласуваат дека поволната каматна стапка, и покрај ковид-кризата, е резултат на прудентните макроекономски политики и зачуваниот кредитен рејтинг на земјата.

„Задржувањето на кредитниот рејтинг, а со тоа и довербата на инвеститорите, се должи на преземените политики и четирите пакети мерки за соочување со ефектите од кризата“, стои во соопштението.

Во него се додава дека со средствата обезбедени од емисијата на оваа еврообврзница ќе се изврши отплата на надворешниот долг, односно на еврообврзницата издадена во 2014 година, која доспева за враќање годинава. Остатокот ќе се искористи за финансирање на дел од буџетскиот дефицит. Еврообврзницата од 2014 година е во износ од 500 милиони евра и беше издадена по каматна стапка од 3,975%, што значи дека сега каматата е за 2,35 процентни поени пониска.

Извор: Makfax

Можете да прочитате

СДСМ: Не може да има 5,5 милиони евра за прослави, а да нема пари за 600 евра минимална плата

Авиосообраќајот руши рекорди, бројот на туристи расте: Македонија го отвора патот кон нов економски циклус

Мицкоски: Донирани се инвертер клима уреди за 500 семејства, дел од проектите и политиката на оваа Влада