Министерството за култура, по реакциите и јавните барања од издавачката куќа „Шкупи“ за поддршка на 8 преводни дела од проектот „Наградена светска литература“ и учество на светски саеми на книги, а со цел точно и транспарентно информирање, детално објаснува за процесот на одлучување по пријавите на Годишните конкурси за поддршка на проекти од национален интерес во културата.
„Од пријавите на Годишните конкурси од издавачката куќа „Шкупи“, во одбиените проекти на овој издавач се: четири проекти за превод од шведски на албански јазик кои имаат предвидено како автор на преводот едно исто лице коешто не е државјанин на Македонија, коешто живее во Шведска и нема формални квалификации за кометентност за преведувач“, велат од министерството за култура.
Од Таму додаваат дека еден проект за превод од англиски на албански јазик има предвидено како автор на превод лице коешто не е државјанин на РСМ, два проекти за кои Комисијата утврдила дека преводот не е направен од јазикот на оригиналот и еден проект за кој немало ниту биографија, ниту било какви референци или информации за авторот на преводот.
„На Годишните конкурси, на издавачката куќа „Шкупи“ и се одобрени два проекти за превод од турски и од хрватски на албански јазик, за кои авторите на преводот имаат формални квалификации и референци што сведочат за компетенциите на преведувачите за односните јазици“, потенцираат од министерството.
Во однос на апликациите од издавачката куќа „Шкупи“ за учество на меѓународните саеми на книга во Софија, Тирана, Истанбул и во Франкфурт, Министерството за култура информира дека се отфрлени, поради недостиг на дел од задолжителната документација, односно корисникот нема доставено преписка со организаторите со која се потврдува учеството на саемите .
Текстот Министерството за култура: Проекти од издавачот „Шкупи“ не се прифатени поради нерегуларности е превземен од МАКФАКС.