Утрински Весник
Македонија

МЗ демантира: Не постои илегална вакцинација, да не се шират лаги и паника во јавноста

МЗ демантира: Не постои илегална вакцинација, да не се шират лаги и паника во јавноста

Министерството за здравство ги демантира тврдењата на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, за илегална вакцинација во земјава.

Од министерството велат дека жалат што најголемата опозициска партија во државата во период на воведување КОВИД вакцинација шири лажни вести, со кои, како што наведуваат, ја манипулира јавноста вадејќи од контекст изјава на премиерката на Република Србија.

„ Очигледно е дека ова монтирано видео е со единствена цел да создаде неоснована паника која може да има долгосежни поседици и врз здравствениот систем и врз колективното здравје на граѓаните.
Министерството за здравство најостро ги демантира лагите денеска изнесени од страна на портпаролот на опозицискиата партија, а претходно објавени на социјалните мрежи од пратеник на истата партија. Ниту се одвивала, ниту се одвива илегална вакцинација, ниту било што поврзано со јавното здравје се прави на нетранспарентен начин. Вакцинирањето во Република Северна Македонија ќе започне во февруари. Министерството за здравство води преговори за да обезбеди вакцини по три механизми, Ковакс, директни преговори и преку солидарниот фонд на ЕУ“ соопшти МЗ.

Оттаму додаваат дека заедно со Националната техничка работна група за КОВИД вакцинација изготвиле оперативен план за вакцинација во кој се утврдени приоритетните групи, број на потребни вакцини, пунктови на кои ќе се врши вакцинацијата. Со ваквите манипулативни видеа, велат од министерството, свесно опозициската партија сака да го потцени и оцрни трудот на здравствените работници, експерти во областа кои работат на процесот на вакцинација.

Министерството за здравство бара итно да се повлече видеото, а портпаролот и пратеникот да се извинат јавно. Апелираат до јавноста да не ги зема предвид лажните информации.

„ Од почетокот на ковид кризата министерството за здравство информира точно навремено и целосно транспарентно и така ќе продолжи и понатаму. Министерството за здравство ги повикува надлежните институции секоја злоупотреба или лажна вест да биде законски санкционирана затоа што на овој начин се вознемируваат граѓаните и се создава непотребна паника“ се додава во реакцијата од министерството.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Георгиадис: Доколку се прекршува Преспанскиот договор Мицотакис ќе го поништи

Првата група студенти го заврши првиот циклус по македонски јазик на Факултетот за странски јазици во Тирана

Приведен кавадарчанец по распишана централна потерница