Скопје, 23 март 2020 (МИА) – Помеѓу македонските државјани во Хрватска нема заразени со коронавирусот Ковид-19, а меѓу нив нема ниту жртви од вчерашниот земјотрес во Загреб, изјави Назиф Џафери од Амбасадата на земјава во хрватскиот главен град во „Утрински брифинг“ за „Слободна ТВ“.
– Македонската заедница е една од најактивните од останатите 22 заедници во Хрватска. Комуникацијата е секојдневна. Помеѓу нашинците засега нема заразени од корона. Имавме заглавени луѓе на аеродромот, па околу 50 наши граѓани ги префрливме во Македонија, изјави Џафери.
Тој соопшти дека нашата Амбасада во Загреб работи на префрлање на македонските државјани сезонски работници во Хрватска во земјава.
– Но, имаме и студенти, работници и граѓани кои по разни основи биле да се лекуваат. Барањата се огромни и предизвикот да се помогне е уште поголем. Работиме на случајот сезонските работници да се префрлат во Македонија. Во петокот нашата Влада донесе одлука да организира чартер летови. Вчера вечер доставивме список од 220 граѓани и очекуваме да се префрлат со авион во Скопје, изјави Џафери. сп/